Околу 800-1000 бегалци си заминаа од Идомени последните 48 часа исплашени од насилните инциденти во неделата. Во понеделникот и вторникот од кампот кон бегалските центри заминаа 15 автобуси полни со бегалци, седум во понеделникот и осум вчера, што е најмасовно заминување од кампот во последните 2 месеци. Исплашени од инцидентите во неделата, бегалците кои се главно дојдени со семејство, по недели живеење во шаторите на граничната зона одлучија да го напуштат животот во кампот бидејќи стравуваат за безбедноста на нивните деца.

Оние кои си заминуваат велат дека веќе губат надеж дека има било каков начин да се премине границата додека чекаат во кампот, веќе не се чувствуваат безбедно таму особено по судирите меѓу бегалците и полицијата во недела и велат не би си дозволиле да ги стават во опасност децата со нелегално преминување во Македонија.
Од Идомени бегалците заминаа во центрите во северна Грција и Пиерија каде има слободни места.

Грчката влада бара празни индустриски простори околу Солун и Атина кои брзо би можеле да се расчистат и уредат како привремени бегалски центри. Новиот бегалски центар Скарамага во предградието на Атина во рок од два дена се преполни со бегалци од Пиреја, со капацитет за 1000 луѓе таму веќе има и повеќе од што може да собере.
Идејата на грчката влада е да се најдат нови простори и да се обезбедат дополнителни 20.000 места за да може комотно да се згрижат сите бегалци од Идомени каде има над 10.000 бегалци во моментов, Пиреја каде се околу 3.800 луѓе, но и од стариот аеродром Елинико каде веќе има околу 6000 бегалци.

OhridNews
извор Телма