Резултатите од новата ревизија за падот на владиниот авион во близина на Мостар во 2004 година при што загина македонскиот претседател Борис Трајковски, ќе бидат готови во месец јануари, изјави денес  во Охрид,  амбасадорот на Босна и Херцеговина, Здравко Беговиќ.

Македонија и Босна и Херцеговина ги поврзуваат цврсти пријателски односи и немаат некои нерешени прашања, освен ревизијата околу загинувањето на претседателот Борис Трајковски за која се надевам дека до месец јануари ќе заврши , со што ќе се разрешат и сите претходни шпекулации во врска со случајот. Во тоа време ние не управувавме со небото над Босна и Херцеговина,но затоа сега правиме се што можеме за да помогнеме, при што во истрагата се вклучени  освен експерти од нашата земја, голем број и експерти од странство, рече Беговиќ.

Тој додаде дека не може да зборува за деталите од истрагата, но потенцира дека за спроведување на ревизијата Босна и Херцеговина вложила значајни материјални средства и човечки ресурси , се со цел да се дознае вистината околу падот на Кингерот.

Авионската несреќа во која загинаа претседателот Трајковски, придружната делегација и екипажот се случи на 26 февруари 2004 година на подрачјето на село Ротимље во близина Мостар.

Т.К.