Дејвид Бекам, со шампионска титула ја заврши кариерата во американската фудбалска лига, откако неговиот тим ЛА Галакси во финалето на МЛС купот го совлада Хјустон Дајнамо со 1:0.

Единствениот гол на натпреварот, кој се одигра на „Хоум Дипо“ стадионот во Лос Анџелес го постигна американскиот репрезентативец Лендон Донован во 72. минута.

Екипата на ЛА Галакси на тој начин стигна до третата титула, во своето седмо учество во финалните натпревари, во 16 години долгата историја на МЛС лигата. Хјустон исто така се бореше за својата трета титула, но оваа екипа за прв пат е поразена во завршниот меч.

Лендон Донован го доби признанието за најдобар играч во финалето. Галакси е само вториот тим кој титулата ја освоил на својот стадион, претходно тоа му успеа на ДЦ Јунајтед во 1997 година. ДЦ Јунајтед е најтрофејниот тим во МЛС со четири освоени титули.

Со освоената титула ЛА Галакси ја потврди доминацијата во лигата, екипата од Калифорнија ја освои и титулата „Суппортес Схиелд“ за најдобар тим во регуларниот дел од сезоната.

Дејвид Бекам со финалниот меч го заврши својот петгодишен настап во МЛС лигата, според шпекулациите тој сега ќе се пресели во Англија или Франција. Се очекува Бекам да биде капитен на репрезентацијата на Велика Британија, која ќе настапи на ОИ во Лондон, Бекам тогаш ќе има 37 години и 3 месеци.

Со освоената титула Бекам стана првиот британски фудбалер во последните 19 години кој освојувал шампионски титули во три држави (6 титули со Манчестер Јунајтед, и по една со Реал и ЛА Галакси), претходно тоа му успеа на Тревор Стивен (Евертон, Марсеј и Ренџерс).

„Конечно, ова долго го очекувавме. Сонот, по пет години напорна работа, ми се исполни. Сите беа извонредни, навивачите, сопствениците, соиграчите“, изјави Бекам по натпреварот. Следната сезона во МЛС лигата ќе се натпреваруваат 19 екипи, во лигата ќе се вклучи екипата на Монтреал Импакт.

“Макфакс“
Ohridnews