Македонија се уште нема донесено одлука за испуштање вода од Охридското Езеро кај Струга, изјави вчера, министерот за економија Фатмир Бесими. Според него, состојбата со нивото на Езерото се контролира, а македонските власти се во постојан контакт со нивните албански колеги.

Медиумите во Тирана деновиве информираат дека евентуалното испуштање на вода од Охридското Езеро ќе значи нов проблем за Албанија, бидејќи реката Црн Дрим повторно ќе поплави некои подрачја во северниот дел на земјата.

Во моментов на истекот на реката Дрим, од Охридското Езеро се испуштаат неколку метри кубни вода(се проценува до 7 метри кубни), која протекува преку единствената отворена порта.

Надлежните министерствата и институции, уверуваат дека состојбата со нивото на Охридското Езеро будно се следи и дека нивото езерото ќе се регулира внимателно за да не дојде до негово излевање. Водостојот на Охридското Езеро е речиси на горната граница, а состојбата во охридско – струшкиот регион, засега, се оценува како стабилна.

Ohridnews