Домашната работа, мајчинството и грижата не смеат да останат невидливи и непропорционално префрлени врз жените. Постигнувањето вистинска рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот бара промена не само во домот, туку и во законите, институциите, локалните политики и општествените очекувања. Тоа беше главната порака од тркалезна маса „Бескрајната смена: Репродуктивен труд, домашна работа и мајчинство“, што се одржа во Јуроп хаус Струга

На тркалезната маса, како што соопшти Јуроп хаус Скопје, било заклучено дека мажите во Северна Македонија поминуваат 18 пати помалку време од жените во извршување домашни обврски и грижа за семејството.

Во фокусот на дискусијата беше непрекинатата, но честопати невидлива „втора смена“ што многу жени ја продолжуваат во домот и по завршувањето на своите професионални обврски. Покрај физичката работа, учесничките зборуваа и за таканаречениот ментален товар – постојаното планирање, организирање и координирање на семејниот живот, грижата за децата и емоционалната поддршка на членовите на семејството, стои во информацијата.

Според соопштението, било посочено дека околу 45 проценти од работоспособните, но неактивни жени не бараат вработување поради домашни обврски и обврски поврзани со грижа, во споредба со само четири проценти од неактивните мажи. Овие бројки, како што беше нагласено, не се прашање на индивидуален избор, туку последица на длабоко вкоренети општествени очекувања и недоволно развиени јавни услуги за поддршка на семејствата.

Дискусијата, како што е наведено, ја водела Шефкије Аласани Дика, шефица на Кабинетот на градоначалникот на Струга, која преку лично сведоштво, говорела за значењето на партнерската поддршка во заедничкото одгледување на децата и споделувањето на домашните обврски, истакнувајќи дека токму тоа било клучно за да може да ја гради својата кариера и да извршува одговорна функција во локалната самоуправа.

Заменик-шефицата на мисијата на Амбасадата на Чешка во Скопје, Андреа Штајнер Вотавова, според соопштенито, ја претставила Директивата на Европската Унија за рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот како конкретен модел за воведување споделено родителско отсуство. Таа нагласила дека грижата за детето не треба да се третира исклучиво како обврска на мајката, туку како заедничка родителска и општествена одговорност.

Докторката Билјана Кузмановска, специјалистка по интерна медицина и кардиологија во Општата болница во Струга, зборувала за физичките и менталните предизвици при усогласувањето на професионалната кариера во високостресна средина со традиционалните очекувања жената да остане главен носител на домашната грижа. Како самохрана мајка, таа сподели и лично искуство за предизвиците со кои се соочувала во балансирањето на професионалните и семејните обврски, нагласувајќи дека успехот бара огромна посветеност, истрајност и силна лична организација.

Разговорот ги надмина статистиките и јавните политики, отворајќи простор за искрени сведоштва, лични стратегии за справување со секојдневните обврски и повик за поправедна распределба на грижата. Беше нагласена и потребата од законско препознавање на споделеното родителско отсуство, кое во актуелната правна рамка сè уште не е целосно регулирано како еднакво право на двајцата родители. Истовремено, беа нагласени и законските ограничувања со кои се соочуваат самохраните родители, соопшти Јуроп хаус Скопје.

Настанот е дел од националниот караван „Носи ја промената“ (Wear the Change), инициран од Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на Унијата и мрежата на Јуроп хаус. Караванот продолжува низ државата, создавајќи простор за јавни разговори за родовата еднаквост, споделената одговорност и учеството на граѓаните во креирањето поправедно општество.

OhridNews