Министерство за труд и социјална политика ги повикува заинтересираните лица корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, посебен додаток, детски додаток и децата без родители и родителска грижа да се пријават за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за своите деца.

Оваа услуга може да ја користат деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, деца корисници на посебен додаток, детски додаток и децата без родители и родителска грижа родени во период од 1998 до 2003 година, односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2012/2013 година.

Услугата може да се користи во текот на летниот распуст 2013 година, во траење од 7 дена. Одобрениот термин за користење на услугата не може да се менува, освен доколку постојат оправдани причини.

Услугата за бесплатен одмор и рекреација за деца опфаќа 6 полни пансиони  (ноќевање со три оброка дневно) и едукативни и забавни активности.

Превозот на децата од одреденото место од страна на надлежниот Центар  за социјална работа до одмаралиштето/хотелот и обратно ќе биде организиран.

Децата корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одмор и рекреација.

За користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација потребно е да се поднесе барање до надлежниот Центар за социјална работа, според местото на живеење. Барањето го издава надлежниот Центар за социјална работа. Барањата ќе можат да се поднесуваат до 25 јуни 2013 година односно до пополнување на предвидениот број на корисници само во просториите на надлежните Центри за социјална работа.

Лицата кои ќе ја користат услугата ќе бидат информирани од страна на надлежниот Центар за социјална работа.

OhridNews