МПЦ – ОА, Дебарско-кичевската епархија упатува покана до православните верници за заедничко молитвено чествување на празникот посветен на Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски.

По повод празникот на 14.06.2026 година (недела), со почеток во 19:00 часот, во манастирот посветен на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Празнувањето ќе продолжи наредниот ден, на самиот празник, 15.06.2026 година (понеделник), кога со почеток во 08:45 часот ќе биде отслужена света архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Со духовна радост ги покануваме сите благочестиви верници со своето присуство да земат молитвено учество во празнувањето на светиот свештеномаченик Еразмо, Охридскиот чудотворец, кој е постојан молитвеник пред Бога за сите нас, велат од Дебарско-кичевската епархија.

Инаку, култот кон Св. Еразмо е особено голем во Охрид. Традиционално охриѓани во очи празникот масовно ја посетуваат малата пештерска црква во близина на градот, каде палат свеќи и се молат за здравје.

OhridNews