Квалификациите на работната сила која се продуцира во земјата и нејзината продуктивност, во голем дел се причина платите во дел од компаниите со странски капитал во технолошко индустриските развојни зони, да се под очекуваното ниво. Во економската дебата во емисијата Топ Тема на Тв Телма, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, истакна дека бруто платата во ТИРЗ зоните во земјата е за 5,5 % пониска во однос на националниот просек. Охридски Костал е исклучок и позитивен пример, каде бруто платите се над тој просек. Toj најави мерки кои ќе бидат насочени кон зголемување на продуктивноста, со цел зголемување на платите.

Субвенциите до сега се даваа по работно место, без разлика на надоместокот. Сега размислуваме за финансиска поддршка на компаниите за нови вработувања која ќе биде условена со одреден раст на платата во процент кој ќе биде утврден. Треба да најдеме начин како да растат просечните плати во зоните со поттикнување на растот на продуктивноста, што ќе значи намалување на другите трошоци. – посочи Деспотовски.

Виктор Мизо – Претседател на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство и генерален директор на Костал Македонија, посочи дека платите се директно поврзани со продуктивноста и состојбата на пазарот на труд.

Просечната бруто плата по вработен во нашата компанија на месечно ниво изнесува 800 евра, но ако се земат тука сите трошоци за обука, како и дополнителни трошоци за храна, транспорт и друго, стигнуваме до некоја сума од над 1100 евра на месечно ниво. Но, дали ние имаме соодветен кадар кој го продуцира нашето образование? Во многу случаи ние сме приморани да финансираме дополнителна обука од 6 месеци за да ги доквалификуваме работниците. Доколку за тоа немало потреба тие средства ќе сме ги инвестирале во технологија или во повисоки плати. Се согласувам целосно со државата која сака работите да се придвижат напред, но мора да ја гледаме реалноста и како да ги подобриме вештините на нашата работна сила и донекаде да го смениме менталитетот на луѓето, да сакаат да работат во вакви компании и да се добро платени во рамки на нашата реалност тука. Не можеме да очекуваме калифорниски плати бидејќи ја немаме калифорниската технологија, образование, напредок, ниту пак трошоци. – рече Мизо.

Според Мизо во земјата треба да се стимулира регионалниот развој, но и дуалното образование кое треба да биде соодветно на потребите на странските и домашните компании, а проблем на кој мора да се работи е и мобилноста на работната сила, која речиси и не постои. Притоа, рече тој, мора да се има предвид конкуренцијата со која се соочува земјата не само во регионот, туку и во подалечното опкружување.

Мора да ги направиме нашите работници поконкурентни во однос на поширокиот регион, а од аспект на продуктивноста да постигнеме ниво да бидеме конкурентни на пазарите во Европа. – додаде Мизо.

И Благица Петрески од Фајнанс Тинк укажа на потребата од креирање мерки кои ќе бидат во насока на подобрување на продуктивноста на работната сила. Посочи дека акцент треба да биде ставен на реквалификација и докфалификација на работната сила, но пред се на образованието кое мора да ги следи потребите на економијата. Таа укажа и на потребата од креирање мерки од страна на државата за подобрување на квалитетот и технологијата на производство на домашните компании со цел тие да станат конкурентни на пазарот и да можат да соработуваат со компаниите со технолошки напредно производство во ТИРЗ зоните, што сега не е случај.

OhridNews