Подобар пристап на институциите во сите сфери на општествениот живот е пораката која денес ја пренесоа лицата со попреченост од Струга, но и јасна порака дека секогаш може да се успее со упорност и решителност.
Даниел Шикоски автор на книгата „Клуч“, која денес беше презентирана во рамките на настанот „Слушнете ги нашите приказни“ во Струга, вели дека секогаш кога сакаме нешто да постигнеме, тоа не е невозможно.
Секогаш можеме да успееме ако ние сме упорни и решителни во нешто да успееме. Без разлика со каква и попреченост да сме можеме во се да успееме. И ние лицата со попречености можеме многу повеќе да постигнеме, па дури и од лицата кои се со типичен развој, рече Шикоски.
И Игор Шајноски, самозастапувач и продавач на улични списанија од Струга вели дека не му смета попреченоста, туку со драга волја работи за да може да создаде нови работни вештини.
Животот е тежок, но се надеваме дека во иднина тоа може да се подобри со залагање на институциите во нашата држава. Инфраструктурата во градот и во државата општо треба да се поправи, бидејќи нашите потреби се такви. Ако мораме сами да се движиме да бидеме сигурни во просторот дали тој е соодветен за движење, рече Круме Крстаноски, претседател на Здружението на слепи лица во Струга.

Настанот беше во организација на Порака Нова, Здружение на слепи лица Струга и Здружение на глуви и наглуви лица Струга.
Н.С.Ј.



















