Севкупната безбедност во Охрид е на високо ниво. Полициските службеници во сите сегменти на полициското работење имаат активен придонес во зголемувањето на безбедноста и сигурноста на граѓаните, потенцираат од СВР Охрид, коментирајќи околу состојбата во градот за време на велигденските празници кога во Охрид престојуваат голем број гости од земјава и странство.
– Во областа на јавнот ред и мир има полициски службеници кои делуваат во насока не само на расветлување на казнени дела, туку и кон превенирање на можноста за случување на нарушување на јавниот ред и мир. И во делот на имотните деликти, оперативните служби на СВР Охрид се подготвени и се во постојана едукација во насока на реализација на казнените дела и спречување на таквите настани, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Димоски додава дека полициските службеници се посветени и на елиминирање на случаите на питачење кои во изминатиот период беа доста актуелни, поради што имаше и реакции од страна на граѓаните. Ваквите случаи од страна на СВР Охрид успешно се решаваат во соработка со центарот за социјални работи.
Во однос на безбедноста на сообраќајот, Димоски потенцира дека деновиве ќе има засилено присуство на полициски службеници на сите фреквентни улици и места каде се очекува зголемен број возила и движење.
OhridNews












