Од денеска во Македонија е во сила зимското, односно стандардното сметање на времето. Ноќеска во 3 часот стрелките на часовниците беа вратени еден час наназад, на 2 часот, со што заврши летното сметање на времето.
Летното сметање на времето годинава започна на 29 март, а заврши денеска, 25 октомври. Ваквиот распоред е усогласен со европската практика, според која часовниците се поместуваат напред последната недела во март, а се враќаат на стандардното време последната недела во октомври.
Со преминувањето на зимското сметање, сонцето изгрева и заоѓа приближно еден час порано според часовникот, што значи повеќе дневна светлина во утринските и помалку во попладневните часови.
Зошто воопшто се менува времето?
Идејата за летно сметање на времето е подобро да се искористи природната дневна светлина во периодот од годината кога деновите се подолги. Со поместување на часовникот еден час напред напролет, еден час дневна светлина практично се префрла од раните утрински во вечерните часови.
Во Европа ваквата практика има долга историја. Првите пошироки примени се поврзани со Првата светска војна и настојувањата да се заштеди енергија, а системот повторно станал актуелен во повеќе европски земји за време на енергетската криза во 1970-тите. Од 1980 година започна усогласувањето на различните национални режими, пред сè за да се избегнат проблеми во транспортот, трговијата и функционирањето на заедничкиот европски пазар.
Кои се предностите?
Главната идеја е подолгото користење на природната светлина во попладневните и вечерните часови во пролет и лето. Тоа остава повеќе време за активности на отворено по завршувањето на работниот ден, а усогласениот режим на менување на часовниците е значаен и за транспортот и прекуграничното функционирање во Европа.
Заштедата на енергија, која историски била една од главните причини за воведување на системот, денес е многу помалку убедлив аргумент. Анализите на европските институции укажуваат дека современите енергетски заштеди од летното сметање на времето се мали, односно маргинални.
А недостатоците?
Најчесто посочуван проблем е нарушувањето на биолошкиот ритам при поместувањето на часовникот. Европскиот парламент во своите анализи посочува дека истражувањата го поврзуваат менувањето на времето со нарушување на циркадијалниот ритам.
Сепак, научната слика не е еднострана. Голем систематски преглед објавен во 2026 година, кој опфатил 157 студии од 36 земји, утврдува и негативни и позитивни ефекти, како и резултати кај кои нема јасно утврдено влијание. Најизразени негативни ефекти се забележуваат при пролетното поместување на часовникот нанапред, а авторите предупредуваат дека доказите не дозволуваат сите ефекти од летното сметање да се прогласат ниту за исклучиво штетни ниту за исклучиво корисни.
Европа со години дебатира да престане да ги поместува часовниците
Прашањето за укинување на сезонското менување на времето со години е отворено во Европската Унија.
Во големата јавна консултација на Европската комисија во 2018 година учествуваа околу 4,6 милиони граѓани и дури 84 проценти од нив се изјаснија за укинување на поместувањето на часовниците двапати годишно. Европската комисија потоа предложи прекин на оваа практика, а Европскиот парламент во 2019 година ја поддржа идејата сезонското менување да престане.
Но, постапката сè уште не е завршена. Советот на ЕУ нема усогласено конечна позиција и нема утврден рок за донесување одлука. Затоа сегашниот систем продолжува да важи – летно време од последната недела во март до последната недела во октомври, а потоа враќање на стандардното, односно зимското време.
Така, и покрај долгогодишната европска дебата дали поместувањето на стрелките сè уште има смисла, барем засега традицијата продолжува двапати годишно часовникот се поместува за еден час.
OhridNews












