Црниот биланс од сообраќајните несреќи и оваа година е исклучително висок. Иако според официјалните статистички податоци на полицијата, бројот на сообрќајни несреќи оваа година бил помал во однос на лани, трагичниот биланс и натаму е голем. Најголем дел од сообраќајките со човечки жртви се случиле надвор од градското подрачје, но и натаму голем е бројот  на сообраќајни несреќи во самиот  град. Непочитувањето на сообраќајните знаци и правила се најголема причина за сообраќајните незгоди. Оваа година се бележи зголемен број на сообраќајни несреќи во кои учесници се моторциклистите, а високо загрозена категорија учесници во сообраќајот и натаму се децата.

И мало невнимание кај учесниците во сообраќајот може да биде фатално по животот. Статистиките покажуваат дека секоја година во Македонија  во сообраќајните незгди животот го губат повеќе од 20 деца до 14 годишна возраст, а  над 500 деца се полесно или потешко  повредени. Според аналитичките податоци на СВР Охрид, во периодот јануари-септември 2008 година, во Охрид се случиле вкупно 337 сообраќајни незгоди. Од нив, со потешки последици се евидентирани 135 сообраќајни незгоди во кои загинале 9 лица, а 205 се здобиле со телесни повреди.


На булеварот „Туристичка“ се случуваат голем број сообраќајни несречи

Во првите девет месеци од годинава, споредено со истиот период лани, службата бележи намален број на случени сообраќајни незгоди. Во деветте месеци од 2007 година, во Охрид биле регистрирани 368 незгоди од кои 140  со потешки последици и 17 лица кои го загубиле животот.

Во истиот период, се евидентирани  2813 прекршоци по разни основи од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Против 2483 пријавени лица, до Основниот суд во Охрид се  поднесени се 1475 барања за поведување прекршочни постапки. Истовремено до Комисијата за одлучување по прекршоци при СВР Охрид, се поднесени 971 барања за поведување прекршочни постапки.

“Од почетокот на годинава, безбедноста на сообраќајот по сите основи е значително подобрена во однос на 2007-ма година, смета вишиот инспектор по сообраќај во СВР-Охрид, Бранко Речкоски. Според началникот на Одделението  за превенција при Секторот, Трајче Цветаноски, превенцијата е најважниот дел  за постигнување поголема безбедност во сообраќајот.

Македонските полицајци во стилот на англиските таканаречени “Боби” полицајци, се повеќе делуваат превентивно кога станува збор за почитувањето на сообраќајните правила и прописи, но сепак, казните остануваат за учесниците кај кои нивото на сообраќајната култура стагнира.

За поголема безбедност во сообраќајот  се очекува да придонесат и дополнувањата за Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. “Основата на дополнувањата е што  возачите не мора на лице место да ја плаќаат глобата за направениот прекршок, туку  добиваат казнени поени. За 100 такви поени  губат правото за возење, а потоа треба повторно да полагаат возачки испит “, објаснува командирот на Полициската станица за безбедност во сообраќајот, Страше Миленкоски. Миленкоски објаснува дека овластените службени лица ко што ќе затекнат учесник во сообраќајот што ги прекршува правилата одредени со закон, е должен да му објасни дека има избор: да му се изрече глоба или да му се евидентираат казнените поени во возачката книшка.

Превентивно на полето на сообраќајот делува и Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата, општинско тело кое функционира во корелација со Републичкиот совет за безбедност.

“Општинскиот совет за безбедност има програмски пристап кон  проблемите во сообраќајот во општинава”, вели Љупчо Милковски, член на ова тело. “Покрај тоа, нашата превентивна функција се состои и во тоа што  работиме на подигнувањето на сообраќајната култура кај  сите категории учесници, а особено кај децата и младите. Исто така организираме, едукации, семинари, работилници со различни целни групи, а дел од нашата работа е  следењето, анализите  и истражувањата на безбедноста во сообраќајот”, додава Милковски.

Општинскиот совет за безбедност е вклучен во натпреварот “Детски семафор”. Во доменот на превентивата делува и преку акцијата “Поголема безбедност на пешаците и велосипедистите” што се организира пред и по туристичката сезона. “Да ги заштитиме децата во сообраќајот ” е традиционалната акција  што се одвива години наназад, а  на почетокот од секоја учебна година започнува и сообраќајно-воспитната акција “Со познавање на патот од домот  до училиштето- побезбедни во сообраќајот”.


Но, допираат ли овие кампањи до возачите од кои во најголема мера зависи безбедноста во сообраќајот. И натаму сообраќајните знаци и правила не се почитуваат, а особено ограничувањето на брзината. И покрај зголемувањето на казните и новиот систем на казнување со негативни поени и трајно одземање на возачката дозвола, по градските улици и натаму се тркалаат небезбедни возила. Дел од нив не се ниту регистрирани, или технички се неисправни. Подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, подразбира промена на свеста кај возачите. И ако тоа веќе тешко оди кај поискусните возачи, крајно време е идните возачи да почнат правилно и пред се стручно да се обучуваат. Тоа подразбира многу попрофесионален пристап на инструкторите и комисиите за полагање, поинтензивни полициски контроли, но и кампањи за подигнување на јавната свест за безбедност во сообраќајот.

Александра Ристоска
Горан Момироски