Вчера во 12:20 часот на улица „Питу Гули“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид лишиле од слобода 79-годишно лице од охридското село Коњско.
Тој, претходно, на булевар „Туристичка“ во Охрид, управувајќи патнички автомобил „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, предизвикал сообраќајна незгода во која оштетил шест паркирани патнички автомобили, по што не застанал, туку продолжил да го управува возилото. По преземени мерки, тој е пронајден и при извршено алкотестирање, кај него биле утврдени 1,51 промили алкохол во крвта, по што одземени му се возачките и сообраќајни документи и е исклучен од сообраќај. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 60-годишно лице од село Волино, поранешен градоначалник на општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Тој, во својство на градоначалник на општина Дебрца, свесно, со пропуштање на должен надзор и со несовесно постапување односно без потпишан договор, им овозможил на неколку правни субјекти во деловна зграда сопственост на општината на катастарска парцела во селото Волино, во периодот од 2017 до 2025 година, слободно да вршат трговска дејност, без обврска да плаќаат одреден паричен надомест во буџетот на општината. Пријавениот, тоа го направил иако знаел дека, според Статутот, управува со сопственоста на општината и е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на сопственоста во согласност со закон. На тој начин, пријавениот и предизвикал значителна материјална штета на општина Дебрца, соопшти портпаролот Димоски.
Синоќа во 20:45 часот во Струга, полициски службеници од ОВР Струга лишиле од слобода 47-годишен жител на Струга, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 47 – годишна партнерка.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
OhridNews











