Од среда, 1 декември стапува во сила забраната за пластични кеси, односно ќе биде дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари кои ќе бидат наменети за специјален фонд за животна средина.

Првично останува да продаваме биоразградливи кеси, а понатаму размислуваме и за употреба на хартиени кеси за кои сеуште не би знаеле да кажеме која ќе биде цената, можеби и ќе бидат поевтини. Ние како трговски ланец планираме да брендираме платнени кеси кои, исто така, би биле на продажба, но ќе бидат за повеќе употреби. Веќе години нананзад ги користиме само биоразградливите кеси, но досега беа со цена од 2 денари. За да се дестимулира користењето на биоразградливите кеси, планираме да вметнеме во употреба и платнени и хартиени кеси, кои ќе може да се користат повеќе пати, вели Антонио Ристески, менаџер во Топ маркет, додавајќи дека сигурно на почетокот нема да има пријатна реакција од потрошувачите, бидејќи цената на кесите е висока.

Вели дека трговците во случајов ќе бидат медиум, бидејќи ќе ги наплаќаат кесите од потрошувачите, а парите ќе завршат во фонд со кој ќе се инвестира во животната средина

Законот се уште не е имплементиран за да се знае начинот на кој ќе се наплаќаат кесите кај трговците. Ќе ги нема кесите што се користат за овошје, зеленчук, истите ќе бидат целосно забранети. Кесите на каса ќе се продаваат по 15 денари. Ова многу негативно ќе се одрази на работата на производителите и преработувачите на пластични маси. Ќе се намали обемот на работа и бројот на вработени, велат за OhridNews регионални производители од Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси.

Според нив нема потреба сите кеси да бидат биоразградливи, бидејќи тој материјал тешко може да се обезбеди и нема доволно производство на светско ниво. Од друга страна треба да се произведуваат подебели полиетиленски кеси и да се потикнат граѓаните да ги користат повеќекратно.

Кесите сите ги користиме за отпад и истите завршуваат во контејнер, па потоа во Буково. Во суштина затоа што нема начин на селектирање на отпад, државава прави некој систем граѓаните да осетат на сопствениот буџет за да не купуваат кеси повеќе. Од друга страна, многу брзо се донесе Законот, без да се консултираат производителите. Не е само кесата проблем во загадување на животната средина. Секојдневно се купуваат производи кои се спакувани во најлонски кеси. Реперкусии ќе има големи. Во Македонија има повеќе од 30 производители од овој тип, со некаде околу 800 вработени кои се дирекно засегнати, а индирекно уште голем број препродавачи, пазарџии кои во моментов ќе бидат целосно опфатени со овој начин на функционирање на продажбата. И Законот е во ред да се донесе во разумна рамка и да се предвиди начин на негово имплементирање. На пример како што е во другите држави, да се ограничи дебелината на кесата, која всушност и да се плати ќе може да се користи неколку пати, додаваат производителите.

Велат ако се дефинира дебелината на кесата, да речеме да е трипати подебела од оваа дебелина која сега ја имаат, во случај и потрошувачот да ја плати 6-7 денари веќе добива нешто. Во конкретниов случај со биоразградливите кеси воопшто не е дефинирана дебелината на кесите. Во сите европски држави не се забранети целосно, туку се дефинирани со некоја сума на пари, но никаде не се плаќа толку скапа цена од 15 денари. Со тоа што е дефинирана и дебелината на кеса и има избор дали сакате да купите хартиена или најлонска кеса. Тука е оставено на свеста на човекот, додаваат производителите.

Со овој закон од 1 декември трговците ќе треба да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси, која треба да ја доставуваат до стручен орган на Министерството за животна средина.

Фондот што ќе се создаде од овие 15 денари за секое купување на пластично кесе ќе отиде на посебен фонд којшто ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Идејата е тој што загадува тој и да плати, и на тој начин производителите коишто ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа, и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадите и со ова ќе креираме систем којшто самите граѓани ќе го селектираат отпадот, појасни министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини минатиот месец кога беше донесена одлуката за забрана за употреба на пластични кеси.

Н.С.Ј.