По иницијатива на амбасадата на Република Словенија и Регионалната стопанска комора, денес, словенечкиот амбасадор Бранко Раковец оствари средба со охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на која беа презентирани можностите за инвестирање и капацитетите со кои располага општина Охрид.

На средбата извршивме и видео презентација на бизнис климата во Охрид наменета за потенцијалните инвеститори, но и за привлекување на што поголем број туристи од Словенија во Охрид. Податоците говорат дека изминатите пет години,  годишно во Охрид, престојувале околу 14000 туристи од Словенија кои се задржуваат краток период, од два до три дена. За нас тоа не е доволно и затоа мора повеќе да се работи на тој план, односно тоа да биде појдовна точка при градењето стратегија како да привлечеме повеќе словенечки туристи, изјави градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот истакна дека пред амбасадорот Раковец биле потенцирани можностите за инвестирање во Охрид, пред се во индустријата, развојот на здравствен туризам, преработката на храна,а за прв пат на денешната средба била презентирана и бизнис брошурата за Охрид, изработена од стручни лица од локалната самоуправа.

Словенечкиот амбасадор, Бранко Раковец изрази задоволство од оддржаната средба изразувајќи надеж дека соработката ќе продолжи и во наредниот период.

Денес е предвидена и посета на Леарница- Охрид,  фирма која вработува 400 луѓе и изработува резервни делови за познати компании од областа на автоиндустријата. Состанокот помина успешно и се надевам дека во идниот период ќе следуваат и конкретни проекти, рече амбасадорот Раковец.

На денешната средба била договорена и посета на делегација од Охрид во Словенија каде ќе се остварат средби со претставници од словенечката бизнис заедница и од Стопанската комора на Република Словенија.

Т. Кувенџиска