Доколку брзо не се најде решение за политичката криза во земјава, компаниите наскоро ќе се соочат со големи последици, при што посебно ќе страдаат малите и средните фирми. Затоа, бизнисмените од Комората на северозападна Македонија апелираат за смирување на политичките тензии, пишува „Утрински“.

„Поради долгата криза постои опасност наскоро да настрада целиот економски систем. Бизнисот веќе трпи штети, странските партнери стравуваат од соработка и инвестирање и е отежнато функционирањето на институциите. На среден рок, оваа ситуација сигурно ќе доведе до економска стагнација и до отпочнување циклус на економски регрес“, изјави на вчерашната прес-конференција претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа. 

Тој додаде дека Комората не може да остане индиферентна на политичките случувања и на непромислените политички одлуки, кои директно го загрозуваат водењето на бизнисот.

„Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов итно да ја повлече одлуката за аболиција. Во спротивно, сметаме дека ќе се случи преседан кој ќе ги сруши сите демократски принципи“, рече Хоџа.

Според бизнисменот Џамали Даути, кризата најмногу ја чувствуваат малите и средните фирми кај кои постои стравување дека нема да ги реализираат планираните зделки со странските партнери како и дека кај нив ќе дојде до воздржаност за соработка поради политичките турбуленции во државата.

„Се пролонгираат инвестициските зафати, а потребната документација во врска со планираните бизнис-активности на домашните компании со месеци е заглавена во институциите“, изјави Даути.

OhridNews
извор: „Утрински“