Во учебната 2026/2027 година во основните училишта на територијата на општина Охрид запишани се вкупно 467 првачиња, што претставува благ пораст во споредба со минатата година. Сепак, оваа бројка не е конечна, со оглед на тоа што за месец август се најавени дополнителни уписи на деца на семејства кои се повратници од странство.
Во ООУ „Григор Прличев“ запишани се 102 првачиња, во ООУ „Христо Узунов“ 111, во ООУ„Братство Единство“ 69, од кои на македонски јазик 30, на турски јазик 23 и на албански јазик 16, во ООУ „Свети Климент Охридски“ запишани се 64, ООУ „Кочо Рацин“ 67, во ООУ „Живко Чинго“ село Велгошти 17, во ООУ „Ванчо Николески“ село Лескоец 20 и во ООУ „Свети Наум Охридски“ село Пештани 17, велат од Општина Охрид.
Надлежните посочуваат дека генерално се почитува реонското запишување на учениците во соодветните училишта.
Споредено со претходната учебна година (2025/2026), кога беа запишани 440 првачиња, оваа година се бележи позитивен тренд и зголемување за 27 ученици. Сепак, според статистиката во изминатата деценија Охрид се соочува со осцилации на бројот на запишани ученици.
Имено, во 2024/2025 година биле запишани 436, во учебната 2023/2024 година 455, во 2022/2023 година 530, во 2021/2022 година 505, во 2020/2021 година 480, во 2019/2020 година 483, во 2018/2019 година 483, во 2017/2018 година 498, додека во 2016/2017 година биле запишани 536 првачиња.
Н.С.Ј.










