На 19- ти и 20- ти август, во селото Велестово започнува најновото издание на “Поетската ноќ во Велестово”, една од најпрестижните поетски манифестации во земјава.


Оваа манифестација е ретка и единствена по својата концепција затоа што се одржува во рурална средина, на 1000 метри надморска височина, на отворено и во вечерни часови. Учесниците поведени од други искуства и поетски дружења имаат  поинаква претстава за ваквите манифестации, дека тоа се семинари во затворени простории. Но, кога ќе дојдат да учествуваат овде, навистина се воодушевуваат од организацијата и амбиентот во кој “Поетските вечери во Велестово” се одржуваат, рече на денешната прес конференција, охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски, еден од оснивачите на манифестацијата.

Од минатата година “Поетската ноќ во Велестово” доби и меѓународен карактер. Лани беа претставени поезиите на поети од Србија, Турција и од Сирија. Годинава таа бројка се зголемува и освен македонските поети се очекува присуство на поети од Италија, Естонија, Шведска, Кина, Америка и Црна Гора.

Во двете вечери од одржувањето на манифестацијата е предвидено поезијата да се чита на две сцени, едната традиционално кај селската чешма, а втората кај обновениот Центар за култура.

За првата вечер, на 19- ти август со почеток во 22 часот, е предвидено претставувањето на  поетот Владимир Мартиновски и   изложбата на Емилија Лазаревска. Програмата ќе биде збогатена со настапот на  Староњски бендот.

Во рамки на втората, интернационална вечер, својата поезија ќе ја претстават поетите: Сим Кера од Естонија, Желко Миловиќ од Црна Гора, Елена Рибет од Италија, Лука Бенаси од Италија, Патрик Котер од Ирска, а ќе биде одржана и изложба на рачно изработен накит од Елена Ристовска и Глигор Кузмановски.

OhridNews