Богата и квалитетна фолклорна програма ќе понуди 51. издание на Балканскиот фестивал за народни песни и игри што ќе се одржи од 6 до 11 јули во Охрид. Во рамки на шесте фестивалски вечери, љубителите на фолклорот и верната публика на фестивалот ќе можат да ги проследат настапите на неколку професионалони ансамбли од Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија, Австрија, Полска и Турција.

Пред почетокот на фестивалот, на 2 –ри јули ќе се одржи изложбата на скулптури  ,,Човекот во современиот свет” на Драган Раденовиќ од Белград, Србија. Традиционално како и секоја година пред почетокот на концертите, на  6-ти јули, во 19 часот ќе се одржи свечено дефиле на фолклористите низ улиците на Охрид. Свеченото отворање на фестивалот и годинава ќе биде со концерт на македонскиот ансамбл за  народни песни и игри ,,Танец’’ од Скопје.


На 7-ми јули на фестивалот ќе настапат КУД ,,Иван Горан Коваќевиќ” од Загреб, Хрватска и ансамблот ,,Дом на полифонијата” од Тирана, Албанија. Третата фестивалска вечер, на 8-ми јули  е резервирана за ансамблот ,,Измир’’ од  Турција и ансамблот ,,Дримкол’’ од Вевчани. На 9-ти јули, понеделник ќе настапат ансамблите ,,Варна’’ од Бугарија и ,,Ваграм ‘’од Австрија. Публиката на 10-ти јули ќе може да ги проследи настапите  на ансамблите ,,Подегродзие’’ од Полска и ,,Џидо’’ до Србија. Честа да го затворат фестивалот ќе ја има ансамблот ,,Кочо Рацин” од Кичево, а во рамки на завршниот концерт, свои настапи ќе имаат и гостите од Полска, Австрија и Србија.

– Ова е најстарата фолклорна манифестација на Балканот на која се афирмира културното достоинство на народите. Овој фестивал го негува изворниот фолклор, тоа што е обележје на секоја нација, па затоа придонесува за подобро запознавање помеѓу нациите. Фестивалот исто така се вбројува помеѓу најстарите фолклорни фестивали во Европа, велат од Центарот за култура, ,,Григор Прличев” од Охрид, кој е оргнизатор на фестивалот.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолклорна манифестација, основана во 1962 година. Над дваесетина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на двете асоцијации во рамките на УНЕСКО – Интернационалниот совет на организациите за фолклорни фестивали и фолклорна уметност и Меѓународната организација за фолклорна уметност.

OhridNews