Во рамките на Македонското културно лето во Пустец, Република Албанија, Општина Охрид и оваа година беше дел од програмата, претставувајќи го богатото охридско и македонско културно наследство.

Годинешното издание беше посветено на македонскиот фолклор, како еден од најзначајните столбови на нашиот културен идентитет, традиција и духовно наследство, информираат од Општина Охрид.

Во рамките на настанот беше промовирана книгата „Охридски фолклористи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, издание на Општина Охрид во рамките на едицијата „Охридско книжевно наследство“.

Во име на Општина Охрид пред присутните се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој воедно беше и промотор на книгата.

Особено внимание привлече и проекцијата на филмот „Приказна за една охридска свадба“, проект реализиран од учениците и менторите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, Охрид, со поддршка на Општина Охрид.

Како значаен сегмент од темата „Македонски фолклор“ беше претставена и ревијата на народни носии „Од Љубаништа до Дебој“, подготвена од колекционерот Љупчо Милошески од КУД „Илинден“, Струга.

Општина Охрид традиционално ја поддржува оваа значајна манифестација и секоја година активно учествува во промоцијата и афирмацијата на охридската и македонската култура, традиција и духовно наследство пред македонската заедница во Албанија и пошироко, потенцираат.

Ваквите средби, додаваат, претставуваат мост на пријателство, соработка и културно поврзување меѓу народите, потврдувајќи дека културата и традицијата не познаваат граници, туку создаваат трајни врски меѓу луѓето и генерациите.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски.

OhridNews