По повод празникот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски, денеска, 14 јуни, во манастирот на големиот светец во близина на Охрид, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Празнувањето ќе продолжат во понеделник, 15 јуни, на самиот празник, кога ќе биде отслужена света архиерејска Литургија со почеток во 08:45 часот, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Со духовна радост ги покануваме сите благочестиви верници со своето присуство да земат молитвено учество во празнувањето на светиот свештеномаченик Еразмо, Охридскиот чудотворец, кој е постојан молитвеник пред Бога за сите нас.
Дебарско – кичевска епархија.
Св. Ерзамо Охридски бил од Бога даруван со чудотворна моќ. Роден е во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелието па така стигнал и во Охрид.
Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан кој му наредил на бакарниот кип на Зевс да му се поклони и да му принесе жртва. Но Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот.
По овој настан Св. Еразмо крстил 20 000 луѓе но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот како што многу порано го ослободил и Св. Петар.
Пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот.
Г.М.
Фото: Дебарско – кичевска епархија













