За време на претстојниот празник на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител на Плаошник во Охрид, информира Дебарско-кичевската епархија.
Денеска, 7 Декември, со почеток во 16 часот ќе се служи вечерна богослужба, а на денот на празникот, 8 Декември, во 07.30 часот ќе има утрена богослужба, додека пречекот на Митрополитот Тимотј ќе биде во 08.45 часот. Светата архиерејска литургија ќе започне во 09.00 часот, соопшти Дебарско-кичевската епархија.
Црквата апелира до верниците да ги почитуваат мерките од Владата за заштита од Ковид 19 и на одговорно однесување.
Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание.
Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на светиот Климент Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да ја зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе им служи на Црквата и на Татковината. – велат од Дебарско-кичевската епархија.
OhridNews












