Според податоците од Одделението за инспекциски надзор во месец декември и јануари извршени биле околу 200 надзори, при што се изречени 15 казни на физички и правни лица и вкупна глоба во висина од 30. 000 евра.
Неодамна до редакцијата на OhridNews се обратија дел од угостителите кои тврдеа дека Законот за заштита од пушење во Охрид се применува селективно. Според нив јавна тајна е дека во одредени угостителски објекти во Охрид, пушењето е дозволено и дека ваквото самоволие, што произведува нелојална конкуренција, не се санкционира. Тие побараа од надлежните да излезат на терен и да го спроведат законот на дело или ако не се во можност поради одредени моќници кои ги штитат некои угостителски објекти во градот, јавно да излезат и да кажат дека законот за забрана за пушење на јавни места не може да се спроведе подеднакво за сите.
За непочитување на Законот за заштита од пушењето, глобите изнесуваат од 2.000 до 4.500 евра во денарска противредност за правното лице, од 500 до 1.000 евра за одговорното лице. Казната за лицето кое ќе биде затекнато да пуши во угостителскиот објект изнесува од 150 до 300 евра.