Неизвесноста околу почетокот на новата театарска сезона на охридскиот Народен театар  продолжува. По откажувањето на изведбите на претставите „Сон на летната ноќ“ и „Емигранти“ во последен миг, јавноста останува и понатаму без одговор- дали до крајот на годинава охридските актери воопшто ќе застанат на „штиците кои живот значат“ во Охрид.

На прашањето кое денес од страна на новинарите беше поставено до директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска, што се случува со охридскиот театар, Боцевска со краток одговор:

На тоа прашање најдобро е да одговори раководителот на театарот кој е одговорен за програмата. Инаку, сите услови за работа во центарот, охридскиот театар ги има. Кога ќе бидат подготвени, можат да постават некоја од претставите, изјави Боцевска.

По откажувањето на изведбата на „Сон на летната ноќ“, од Центарот за култура, следуваше објаснување дека претставата нема да се игра поради технички причини, односно поради преангажираност на надворешните соработници во претставата. При тоа, беше најавено дека се размислува сезоната да ја отвори некоја од претставите од редовниот репертоар на театарот. По тоа, следуваше откажување и на изведбата на претставата „Емигранти“, најавена на 23- ти ноември.  

Т.К.