Бројни промоции, презентации на проекти, изложби, работилници и други настани се опфатени во програмата на овогодинешната „Научната и уметничка визита 2026“ која ќе се одржи во Куќата на Уранија во Охрид, а во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во рамки на истата денеска и утре ќе се одржи лингвистичка работилница на ИЦАЛ. За денес е најавен и Mini policy форум со експерти и институции во организација на ЦСИ „Ксенте Богоев“ на МАНУ, а во рамки на проектот „Владеење на правото во функција на економскиот раст и развој“, поддржан од МОН.

Утре ќе биде отворена изложба на мозаици на академскиот сликар и мозаичар Ѓорѓи Томовски. На изложбата ќе бидат прикажани 30 мозаици, симболично претставувајќи ги 30-те години активно творештво на авторот во оваа вековна сликарска техника, a на отворањето свој музички перформанс ќе има професорот Драган Даутовски.

Охридската школа на природно право – 10-th edition of the Ohrid School of Natural Law, „Strengthening Access to Justice through Free Legal Aid: A Regional Capacity-Building Initiative“ ќе се одржи од 6 до 11 јули. Воведни обраќања ќе имаат Заменикот министер за правда, Ален Деребан, Академик Владо Камбовски – од Центарот за стратегиски истражување при МАНУ, Анна Чернишова – Заменичката на Постојаниот претставник на УНДП во државата и Давид Мукенхуберт, Раководител на регионалната канцеларија за техничка соработка на Австриската амбасада. Школата се организира со цел унапредување на знаењето и професионалните капацитети поврзани со бесплатната правна помош и клучните механизми за обезбедување еднаков пристап до правда посебно за ранливите категории. Иницијативата е во рамките на регионалниот проект EQUALS, иницијатива насочена кон реформирање и унапредување на системот за бесплатна правна помош усогласен со стандардите на Европската Унија и меѓународното право за човекови права.

Од 24 јули до 10 август свое претставување ќе има академската сликарка Лара Ташковска, додека од 15-30 август ќе биде поставена изложба од авторот Таки М. Павловски на неговите рани дела од 70-ите и 80-ите години, подржана со публикацијата „Монографска Едиција – Таки Павловски 55 години творештво“.

Во септември од 5 до 20 ќе биде поставена изложбата „Во светот на небесните асоцијации“ од Јордан Манасиески.

OhridNews