Бројот на дијабетичари во Охрид секојдневнио се зголемува, a старосната граница на пациентите се намалува, алармира здружението на дијабетичари на Охрид.

-Некаде околу 5000 ги има дијабетичари во Охрид, а секојдневно се откриваат нови, за жал, меѓу нив има и деца. – изјави Гордана Волкан, претседател на Здружение на дијабетичари Охрид.

Регистрираните дијабетичари, пак, стравуваат за своето здравје поради честиот недостаток на инсулин, за кој велат дека е со променлив, а неретко и со лош квалитет.

-Дури се снаоѓаме и преку социјалните мрежи, затоа што секојдневно треба да се прима терапијата, не смее да се чека. Тендерот кој треба да се распише, треба на време да се реализира, да нема пауза во набавката на инсулинот. – додава Гордана Волкан.

Според лекарите, неопходна е поголема превенција и подигање на свеста кај населението за дијабетот, кој доколку се открие доцна може да предизвика тешки оштетувања на органите и видот.

-Третманот кој ќе почне рано е ефикасен и завршува со 100% вид и со задоволен пациент. Целта е да се доближиме до европските земји каде третманот на дијабетичка ретинопатија не почнува кога пациентот е речиси слеп, слабовид, кога не може да функционира, како крајно решение, туку многу порано. – изјави  Д-р Фанка Гилевска од Систина офталмологија – Скопје.

Oд Здружението на дијабетичари Охрид апелираат да се подобри квалитетот на инсулинот, a мерачите за контрола на шеќерот во крвта да се заменат со пософистицирани какви што веќе се користат во регионот, зад кој во моментов Македонија заостанува.

-Во регионот се користат апарати од најновата генерација, кои го мерат нивото на шеќер во крвта со сензор, со што се избегнува болното секојдневно боцкање. Нас тука ни следат по 50 ленти за два месеца кои не стигнуваат еднаш дневно да направиме проверка, а камоли да направиме профил кој е неопходен за пациент со дијабет. – истакна Волкан.

Здружението на дијабетичари Охрид викендов беше домаќин на едукативна работилница, на која стручни лица ги презентираа најновите практики во медицината во борбата против шеќерната болест.

OhridNews