Попладнево се дијагностицирани 6 лица позитивни на коронавирус. Со ова, вкупната бројка на регистрирани пациенти позитивни на коронавирус во земјата е 76, информира вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Во текот на денов, потврдени се и 2 сопружници од Кавадарци – позитивни на вирусот, а во процес на тестирање е уште 1 лице од Кавадарци кое нема поврзаност со другите два случаи. – објави Филипче.

Досега се регистрирани заболени од Скопје, Дебар, Гостивар, Охрид, Штип и Кавадарци.

Претходно министерот информираше дека здравствената состојба на единствената пациентка која се наоѓа на апарат за дишење, сериозно се влошила.

Потенцира дека во моментов земјата располага со доволен број респираторни машини со оглед на проценките дека на 1000 заболени лица само 50 имаат потреба на приклучување на респираторна машина.

Во тек е набавката на дополнителен број респираторни машини, а од Кина и официјално е потврдено дека ќе донира 200 и во тек е процедурата околу нивното испраќање.

Досега во земјава се извршени 888 тестирања. Од понеделник на два пунктови во Скопје, на клиниката во Чаир и Јане Сандански граѓаните ќе може да вршат тестирања преку Мој термин.

Г.М.