Бројот на дијагностицирани пациенти во земјата од коронавирус се искачи на 67 лица, објави пред малку министерот за здравство Венко Филипче.

Министерството за здравство информира дека вчера попладне и во текот на ноќта преку Институтот за јавно здравје од коронавирус биле тестирани 71 лице. Од нив 2 лица се позитивни на вирусот, едно лице од Скопје –контакт на веќе потврден и дијагностициран пациент од Скопје и едно од Охрид, за кое не се соопштуваат  други детали.

На клиниката „Жан Митрев“ се тестирани и позитивни на вирусот уште 17 пациенти, кои треба дополнително да бидат потврдени во текот на денот. Со ова бројката на ново-заболени до 10.00 часот е 19, а вкупната бројка на заболени во земјата е 67, појасни министерот Филипче.

Владата во услови на вонредна состојба, синоќа донесе нов сет мерки за спречување на ширењето на коронавирусот Ковид 19. Меѓу другото, се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возач. Исто така сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

Г.М.