Бродската несреќа што викендов се случи на Охридското Езеро сериозно ќе се одрази врз туризмот во Македонија, посебно врз Охрид, смета претседателот на хотелската асоцијација, Дончо Танески. Според него несреќата што се слчучи во саботата е последица на непрофесионалното работење во туризмот.

Факт е дека во целата организација на патувањето и престојот на бугарските туристи во Охрид не биле вклучени професионалци, односно истото не било организирано од туристичка агенција која има лиценца туку од самиот превозник. Патниците биле од здружение на пензионери, кои биле анимирани да дојдат на патување во Охрид. Од македонска страна исто така нема вклучен партнер, туристичка агенција, која согласно правилата „handling-landing“ ќе ја преземе орговорноста за патниците по нивниот влез во Македонија и да ги организира сите нивни активности во текот на нивниот престој овде, рече Танески, кој смета дека големата бродска  несреќа е последица на несовесно работење.


Дончо Танески – ХОТАМ

Танески изрази жалење за жртвите во несреќата и очекува дека истрагата што е во тек ќе ги открие сите виновници за трагедијата.
 
Ние на балканските простори си дозволивме, и превозниците и туристичките водичи, секој да работи се, а без познавање како тоа сето тоа професионално треба да се организира, истакна Танески.

Според претседателот на ХОТАМ, пропусти имало од старт кои ќе се избегнеле доколку била вклучена професионална туристичка агенција во Бугарија.

– Тука ќе имало, односно би биле вклучена „handling-landing“ агенција која ги познава сите превозни средства во Охрид, автоматски ќе знаеа со кого ќе патуваат, која е регистрацијата, за да нема премногу шпекулации кои произлегоа по несреќата, кои нанесоа штета не само на Охрид и Македонија, туку општо на туризмот во регионот, предупреди претседателот на ХОТАМ

Според него само професионално организирани агенции, можат со минимални ризици да организираат туристички патувања, што не било случај и со групата бугарски туристи која престојуваше во Македонија.

Ohridnews