Во Трпејца во тек е првото издание на Културно- забавното лето На зајдисонце. По чинот на свеченото отворање, во петокот вечерта, кога беше промовирана збирката раскази – анегдоти „Веселото кајче“  и беше отворена изложба на уметнички фотографии од авторот Никола Павлески од Трпејца, се случија уште неколку интересни настани.


Во саботата, отпочнаа Школата по пливање раководена од искусниот пливач и инструктор – тренер по пливање Соња Думбалоска – Делова и Работилницата по англиски раководена од професор Габриела Неделкоска .

Овие активности предизивикаа голем интерес  кај децата, но и возрасните  од Трпејца и кај бројните туристи.


Особена атракција за гостите во охридското „Сан Тропе“ е и Вечерната променада – со кајче по езерото. Кајчина осветлени со газиени ламби и факели во саботата вечерта пловеа покрај езерскиот брег во Трпејца,а ученици од ОМУ „Методи Патче“ свиреа  дела од класичната музичка литература.

Вчера,  во Трпејца гостуваа членови на Нуркачкиот центар „Амфора “ и одржаа одлична презентација пред гостите и трпејчани. Милутин Секулоски, меѓународен  иснтруктор за подводно пливање од Нуркачкиот центар АМФОРА,  ги потенцираше карактеристиките на нуркањето, како и природните потенцијали на Охридското Езеро и особено регионот околу Трпејца кој е е ден од најинтересните за нуркање.


Вечерва од 20 часот и 30 минути следува уште една музичка прошетка по брегот на езерото, а  утре и задутре со најмладите и возрасните во Трпејца ќе се дружи популарниот радио водител и аниматор  Жанко Зш. До крајот на културно – забавното  лето „На зајдисонце“  во Трпејца, во четврток  во 11 часот  ќе се одржи и натпревар во кајак на вода со што ќе се возобнови и замрениот кајакарски клуб .  

Организатор на манифестацијата  е Здружението за промоција и развој За Трпејца со љубов, со поддршка од Месната заедница и Црковниот одбор. Генерален спонзор е општина Охрид, а спонзори се десеттина фирми.

OhridNews