Градоначалникот Никола Бакрачески, денес, заедно со стручните служби, изврши увид на градежните активности за изградба на пешачко-рекреативната патека кај каналот Студенчишта, која е предвидено да биде во должина од околу 600 метри.
Патеката ќе биде целосно опремена со атрактивни содржини нова потпора од дрвени колци, дрвена патека за кајчари, камена пешачка зона, хортикултурно ќе биде уредена, велосипедска патека, мостиња кои ќе ги поврзуваат двата канали, клупи и мансарди.
– Патеката ќе има двоен фронт кон каналот Студенчишта од дрвени колци кои што ќе бидат естетски убави, потоа ќе содржи една дрвена патека за кајчари и сопственици на пловни објекти кои ќе можат слободно да се движат и да ги прикачуваат своите пловни објекти, понатака ќе има една камена пешачка зона во ширина од 4 метри, па потоа следува една хортикултурно уредена зона, понатака има велосипедска патека во ширина од 2 метри, па следува прекрасно уредениот нов канал, кој што беше реконструиран на стариот, запуштен и затрупан канал кој некогаш постоел паралелно со големиот канал Студенчишта. Двата канали ќе бидат поврзани на неколку места, ќе има споеви помеѓу нив за слободно движење на водата и живиот свет. Тоа е една од целите да може и малиот канал кој што сега е многу проширен и убаво уреден со камени ѕидови и да биде исполнет со жив свет, изјави градоначалникот Бакрачески.
Вкупната вредност на патеката ќе изнесува околу 20 000 000 денари, средства обезбедни од буџетот на Локалната самоуправа.
OhridNews















