Буџетот на општина Струга за 2012-та, кој по два неуспешни обиди во декември, Советот на општината го донесе во новата година, ќе биде разгледан од надлежните инспекциски органи. Иницијативата е на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, која не ја поддржа одлуката за распределба на финансиските средства на општината, бидејќи смета дека е незаконски донесена и  најави дека истата ќе ја обжали и пред Уставниот суд.

Од Министертвото за Локална самоуправа информираат дека ќе го разгледаат случајот, но се воздржаа од коментар додека не ја добијат најавената претставка.

-Кога ќе стигне претставката ќе дојде државниот инспекторат од министертсвото за локална самоуправа да ја провери законитоста,  да видиме дали има проблеми, бидејки не е добро да коментираме нешто за што немаме доволно информации.-изјави Сашо Лазаревски, заменик министер за локална самоуправа.

Главната забелешка на подносителот на претставката е дека општината не го испочитувала законот, согласно кој доколку не се донесе буџетот до 31 декември, треба да се изгласа одлука за времено финансирање на единицата на локална самоуправа, што во случајот не било направено. Градоначалникот Мерко тврди дека општината не ги прекршила пропишаните процедури  затоа што седницата на која бил донесен буџетот е продолжение на расправата започната во законски предвидениот рок. Истиот бил доставен до државниот трезор и општината веќе ги користи средствата предвидени за 2012 година.

-Ние не ја завршивме седницата до 31.12 2011 година, и истата ја продолживме, односно ја презакажавме за 5 јануари. Исто така ние имаме право до 31 март да донесеме буџет, но ако донесеме одлука за времено финанситрање, тогаш нема да донесеме буџет, тогаш се распушта советот.-вели  Мерко

Оспорениот Буџет на општина Струга за 2012 година е проектиран на 13 милиони евра. Наспроти силните критики, градоначалникот Мерко вели дека буџетот е развоен и најави дека јавните пари ќе се трошат согласно  програмата за распределба на средствата на локалната самоуправа, што ја усвои Советот.

Г.М.