Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Република Северна Македонија, како и одржувањето на првата меѓувладина конференција, затоа што предложениот нацрт не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева по денешниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ.

Позицијата на Бугарија се базира на рамковната позиција на Парламентот. Повеќе од една година таа и е позната во јавноста, вклучително и на македонските колеги. Таа беше пренесена и пред шест месеци за време на меѓувладината конференција, додаде Захариева.

Таа нагласи дека ги информирала остантите министри за надворешни работи на ЕУ за билатералните разговори меѓу Софија и Скопје и „му се заблагодарила на Берлин за помошта“.

Како што јави БГНЕС, Бугарија инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава и тоа „придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство; утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година; и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија“.

Од друга страна, ЕУ не се откажува од страт на преговорите со С. Македонија до крајот на годината. Германскиот министер за Европа и претседавач со денешниот министерски состанок на ЕУ, Михаил Рот, по блокадата за преговарачката рамнка за земјава од страна на Бугарија порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

По осумчасовен состанок, главно посветен на буџетот на ЕУ, министрите очекувано не успеаја да ја надминат бугарската блокада за преговорите со Северна Македонија, потврди вечерва Рот. – Бугарија се осврна на една точка која ја смета за важна, рече Рот.

Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот.

Тој изрази задоволство што Бугарија и Северна Македонија продолжуваат да разговараат.

Запрашан што е точно „каменот на сопнување“ за Софија, германскиот министер потврди дека се работи за кратката форма на името (Северна Македонија) и референцата за македонскиот јазик. Покрај ова, рече тој, има и други билатерални прашања.

Преговарачката рамка го одразува Преспанскиот договор и важни елементи од Договорот за пријателство, сега има отворени прашања од Бугарија, гледишта што треба да се разјаснат, неопходно е да имаме јаснотија на ниво на ЕУ, треба да се исцртаат некои линии, затоа што рамката треба да биде прифатена и од 27-те земји членки и од земјата што преговара, објасни Михаил Рот.

Тој понатаму одби да прејудицира што ќе се случува наредните недели, но потенцира дека до крајот на германското претседателство, односно до 31 декември, има уште време.

Влада: Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ

До сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи, се наведува во реакцијата на Владата доставена до МИА по денешниот состанок на Советот на министри на Унијата.

Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања, се наведува во реакцијата.

Според Владата, преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија и нашиот напредок во евцроинтеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Унијата и постигнувањето на европските стандарди.

Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците, се додава во реакцијата.

Владата потенцира дека Македонија и Бугарија се блиски држави, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО, па сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со взаемна почит и разбирање.

OhridNews