Охридското Eзеро е само позадина во најновите политички препирки во Охрид деновиве. Гледано од страна, се забележува дека овие се детски препирки помеѓу недоволно зрели локални и државни политичари. Дали се работи за поединци од политичката елита или за недоволно развиена политичка култура е небитно, впечатокот е ист, во Охрид се води несовесна грижа. Не за езерото или градот, туку за ликот и репутацијата на Охриѓани.

Бидејќи такви ситнипрепирки се карактеристични во останатите делови од политизираната Македонија се поставува прашањето зошто и дали е повеќе загрижувачко однесувањето на политичариве во Охрид отколку на други места. Се разбира, на Охриѓани не им е во прилог да бидат лош пример за другите. Посуштинско е дека некои од нас живеевме во заблуда дека Охрид е посебен град со над култура, над просекот, над нормата и над националната доблест која е рак рана во републиката. Во Охрид, оваа изложена бумеранг политика боли и повредува повеќе од тие што ги читаме во новините за некои други места. Некако како да го извалкаа градот кој гордо стои како мала светлост во темната шума, ветениот град на ридот, потопен во светост.

Верував дека ако постои почетно место за посветла иднина во Македонија тоа секако ќе биде Охрид. Покрај својата провинциска позиција на далечен град, далеку од власта во Скопје, Охрид имаше и има важност. Иронично, токму езерото, кое го крепи градот и не дозволува да потоне во непознатост и исчезнување беше повод на караница помеѓу семоќните елити. За жал постојат две реалности кои ги бојат препиркиве во детски размери. Прво, езерото ќе биде повторно во рамките на нормален водостој и покрај најавите за стални промени во геологијата на езерото. Една поплава на десетина или петнаесет години е нормална појава кога луѓето градат куќи и згради преблиску до големото езеро. Второ, вистинските проблеми се за нас економски. Пропаднатите фирми од бившата држава го нарушија балансот на нашата економија. Нови фирми треба да ги заменат и да го поправат вработувањето на младите и средновечните луѓе во Охрид. Да се живее добро или пристојно само од летен па и целогодишен туризам во Охрид е нереално и непожелно. Нереално затоа што не сме во можност да вложиме повеќе пари во развој на туризмот и градење на инфраструктурата а непожелно затоа што ако сме премногу успешни во градење на туризмот ќе настрада екологијата. Да се привлечат фирмите од приватниот и државниот сектор треба добра стратегија, многу работа, истрајност и трпеливост. Оние што се задолжени за сето тоа се зафатени како што сме сведоци со бумеранг политика. Градоначалникот заминал во Австралија. Добро за него и за Охрид. Тие што го напаѓаат велат дека тој треба да е со граѓаните во денови кога Охриѓани ја гледаат надојдената вода и фрлаат песочни вреќи на кејот. Исто така исправно и важно. Она што на Охриѓани им треба повеќе од расправата е да се заедно во став. Да стојат еден покрај друг и да изјават дека во секој тежок момент е поважно што се сограѓани и што имаат заеднички интереси отколку што се врзани со папочна врска со политичари кои низ прозорците го гледаат Водно, не езерото, и кои го сметаат како место за фотографии, одмор и рекреација, а не како насушниот дом во кого треба да се создаде подобар живот. Она што се спречкаа вака е заслужно да ги извади некој од народот пред сите за уши и да им ја симне главата во запуштените фабрики и избледнатите ветувања. Денес да направиш нешто во Македонија што е вредно е изгледа исклучително тешко. Но мислам дека не е тешко да се извинат сите едни на други и да се фатат за работа. За оваа рунда езерото ќе ги причека во следната прилика кога ќе присака да се излее повторно на поправен испит.

Игор Силјаноски
Винзор, Канада