Ребалансот на буџетот на Општина Охрид предизвика бурна расправа меѓу советниците на одржаната 12. седница на Советот. Од советниците од опозицијата беа посочени кратењата на средства во одредени програми, како и дополнителни средства за други без јавни повици. Од претставници на секторите во општината беше објаснето зошто се прават овие измени при тоа потенцирајќи дека измените со ребалансот на буџетот се однесуваат на приходите: пренесен вишок од претходна година, дотации на општината од приходи од ДДВ и капитални трансфери од други нивоа на власт.

За Винофест беше посочено дека Општина Охрид како покровител на самиот настан има обврска да ги плати естрадните уметници, односно музичкиот дел и дека со Програмата за култура биле дадени приоритети на други расходи, а токму ребалансот служел за усогласување на расходите и реалните потреби. Во поглед на средствата за ГФК Охрид беше истакнато дека доколку на клубовите коишто се со основачки влог на Општина Охрид им се потребни дополнителни средства, тие треба да го прават тоа со дополнително барање и образложена програма којашто тие ја имаат поднесено. Одлуката е дека во овој момент Општината може да одвои само 3 милиони денари од побараните 5 милиони за Градскиот фудбалски клуб и нивниот сојуз. Потенцирано беше и дека Одделението за капитални инвестиции во основно образование ги завршува тековните работи да има можност да се распише јавна набавка за основен проект за спортска сала и училишен спортски базен во ОУ „Кочо Рацин“.

Советникот Ванчо Костоски ги посочи дополнителните средства кои се издвојуваат за Винофест без јавен повик, средствата за ГФК Охрид Лихнидос исто така без јавен повик додавајќи дека ако имало средства можеле да се пренаменат за образование.
Имаме ребаланс на буџетот, односно, ако не грешам, намалување некаде околу 28 до 30 милиони денари, со ребалансот помалку предвидени средства од други трансфери од повисоки нивоа на власта. Значи, имаме намалување на приходи од државната каса, а секаде кажуваме дека сме најбрзо растечка економија, односно трета економија во Европската Унија. Предвидени се дополнителни 2,5 милиони денари за вршење стручен надзор за изградба на катна гаража. Дали ќе е за стручен надзор по завршување или во тек на изградба којшто се планира? При планирање на буџетот за изградба на катната гаража требаше да се предвидат средства и за стручен надзор. Во Програмата ЕФА, изработка на проект за реконструкција на линиски водоводни линии Охрид, 3,5 милиони денари се кратат. Зошто е стопирана или дали е стопирана работата околу асфалтирање на градските гробишта односно правењето на атмосферска и фекална канализација, бидејќи веќе неколку месеци, барем од она што можеме да видиме на лице место, нема никакви градежни активности. И дополнително 3-4 месеци нема вода таму, додаде Костоски.
Тони Иваноски, раководителот на Секторот за комунални дејности и сообраќај појасни дека во однос на надзорот за катната гаража за тековната 2026 година, со постојните програми и буџет, обезбедени се средства, што значи дека до крајот на годината, до 31 декември, постои официјален надзор, но од 1-ви јануари 2027 година не се обезбедени средства, и токму оваа измена од овие 2,5 милиони денари претставуваат основ за да продолжи следењето на градбата.
Во однос на реализацијата на проектот за партерно уредување на градските гробишта истото е доделено на АД „Илинден“. Тука спаѓа, значи, асфалтирање на пристапните патишта и поплочување со одредени бекатон елементи. Од страна на Советот беше донесена одлука за субвенционирање на ЈП во износ од 6 милиони за набавка на урбана опрема, во која урбана опрема спаѓа набавка на клупи, корпи за отпадоци и чешми и тоалети. И третата работа што беше и најпроблематична во целиот проект, односно изградба на системот за одведување на атмосферските води, кое му е доделено на ЈП „Нискоградба“. Точно е дека во моментов таму работите се закочени, односно не постојат некои поконкретни активности, меѓутоа ЈП „Нискоградба“ во моментов сметавме дека треба да биде ангажирано пред почетокот на летото, односно во месеците април, мај, јуни на терен во градот, за да се подобри комуналната инфраструктура, на истите тие водоводни, канализациони и атмосферски канализации. Така, со стапување на сила на одлуката на Советот за забрана на вршење на дејности во градот, Јавното претпријатие ќе се префрли во градските гробишта, ќе ги доврши започнатите работи и очекуваме септември-октомври „Илинден“ да продолжи со партерното уредување, односно со асфалтирање улиците коишто се предвидени со проектот, додаде Иваноски.
Ацо Китрозоски, претставник на Секторот за буџет и буџетска контрола, истакна дека станува збор за прв ребаланс, посочувајќи дека Општина Охрид во однос на остварувањето на буџетот во државава е меѓу подобрите општини. Воедно, потенцираше дека во однос на приходите и предложените измени, измените се однесуваат само на три буџетски ставки, пренесен вишок од претходна година, дотации на општината од приходи од ДДВ и капитални трансфери од други нивоа на власт.
Во однос на капиталните трансфери за инфраструктурните проекти во делот на примени аванси, исплатени аванси имаше средства кои дојдоа 20 милиони, 12 милиони, на 28 декември. Тие не е можно да се потрошат и ќе одат на контото пренесен вишок, односно како непотрошени средства се префрлаат во 2026 година и се планирани во буџетот за 2026 година. Кај пренесениот вишок на приходи предлагаме намалување од 54 милиони. Од овие, 20-тина милиони се стручната служба што сме предвиделе дека ќе дојде до крајот на годината, меѓутоа не дошле тие 20 милиони, и 30-тина милиони се од капиталните трансфери од други нивоа на власт што требало да дојдат за инфраструктурни проекти, меѓутоа не дошле. Тука е намалувањето, значи ние мора да го усогласиме реалното пренесено салдо со она што е салдо на 1.01 на изводот на Општина Охрид. Тоа го намалуваме, меѓутоа во наредната ставка, конто 741-715, дотации на општината од приходи од ДДВ, согласно Законот за распределба на ДДВ, Општина Охрид добива дополнителни 19.461.736 денари заради успешност во работењето. Тоа значи дека приходите во последните три години се повеќе остварени, повеќе од 70%, истакна Китрозоски.
По тој основ, посочи, се добива дел, таканаречен за перформанси, а тие кои се под тој процент, добиваат дел за усогласување.
По тој основ, значи, добиваме 19.461.000 и трета измена во приходниот дел е во капиталните трансфери каде вршиме намалување 12.515.125 денари. Меѓутоа, тоа не значи дека овие средства се намалени, туку тоа се математики во однос на пренесено салдо, исплатени аванси во 2025 година. И сето тоа кога ќе го сумираме, оди некаде намалувањето во основниот буџет 47.540.000 денари. А овие капитални трансфери, ова намалување од 12 милиони, тоа не е намалување во приходите, него тие средства се префрлени на контото пренесен вишок, додаде Китрозоски.
Н.С.Ј.











