Прекината е седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељановски, но без гласање во предвидениот рок до 00:00 часот. На 15 минути до полноќ, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа дополнителни 45 минути пауза за кои се побунија дека им биле скратени. Пред тоа добија 15 минути, а побараа едночасовна пауза. Спикерот Џафери повторуваше дека имаат обврска до полноќ да завршат.

Опозициските пратеници извикуваа „пауза, пауза“. Следеше кратка координација, по што спикерот Џафери се врати на своето место, но во тие моменти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски, збореше процедурално. Пратениците од владеачкото мнозинство бараа да се гласа, но помина времето за гласање. Џафери се налути и ја прекина седницата по што прв излезе од салата.

Седницата започна во 21:30, а прв на говорницата застана координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој побара да се тргне точката од дневен ред, но тоа не беше прифатено. Опозицијата обвинуваше дека Вељановски е осмиот пратеник од ист парламентарен состав за кого се бара одземање на имунитетот, што е 25% од пратеничка група. Критикуваа дека станува збор за политички прогон, без докази со фингирани обвиненија.

Од владеачкото мнозинство и одговорија на опозицијата дека Собранието не треба да цени докази. До сега секогаш Собранието одобрувало одземање на имунитет. Потсетија дека и експремиерот Груевски бил редовен во Судот, но избегал.

OhridNews

Телма