Реконструкцијата на Алипашината џамија во охридската чаршија е проследена со низа пропусти кои можат да имаат далекусежни последици по соживотот во Охрид, предупредија учесниците на трибината „Охрид град на Унеско или на Урнебеско“, што во организација на здружението „Совест“ се одржа синоќа во големата сала на општина Охрид.
Томе Џамтоски“ oд здружението „Совест“, истакна дека изградбата на 32 метри високо минаре на џамијата, кое не постои повеќе од еден век, не само што ќе ги наруши визурите на Охрид, туку ќе има и сериозни импликации и негативни последици по севкупното живеење.
-Ставовите изнесени на трибината ќе бидат проследени до институциите и се надевам дека тие ќе реагираат соодветно, односно ќе биде запрена ваквата реконструкција. Немаме ништо против реконструкцијата на ова културно добро, но експлицитно укажуваме на грешките и повредата на легистлативата на што немаме одговор од институциите. Тие мора да ја завршат својата работа. – рече Џамтоски.
Инженерот и архитект Димитар Зарчев, истакна дека конзервацијата не смее да се врши со бетон, туку со материјал кој се употребувал во времето кога објектот бил граден. Според него невозможно било да се изгради минаре со толкава висина од материјали кои се употребувале за време на османлиското владеење на овие простори.
-Доколку се врши конзервација таа треба да се врши со материјали идентични на оригиналот. Не верувам дека тоа минаре било толку високо од причина што од обична непечена тула не може да се изведе толку висока градба, а која ќе биде сеизмички стабилна. – рече Зарчев.
Историчарот на уметност Гоце Жура се осврна на историските факти, посочувајќи дека Охрид лежи на пластови културно наследство кое датира со милениуми. Тој презентираше мапа со четириесеттина исклучително значајни цркви и дваесеттина ранохристинакси базилики. Меѓу значајните христијански светилишта била и црквата Св. Никола каде по доаѓањето на османлиите е изградена Алипашината џамија.
-Ова бил свет град кој бил вистински Ерусалим. Во Охрид на аџилак и на покајание доаѓале од целиот византиски свет. – истакна Жура.
На просторот кај Алипашината џамија има базилика со вредни мозаици, која е евидентирана во истражувањата на охридскиот Завод и Музеј од минатиот век, рече Жура, истакнувајќи дека Охрид сега има шанса на најдобар можен начин да ја истакне мултикултурата.
-Историскиот влез во Охрид бил кај Чинарот. Најдобро би било да се дислоцира фонтаната од плоштадот кај чинарот која не припаѓа на тој простор, и на тоа место да се пренесе, односно во минијатурна форма да се претстави базиликата на чудотворецот Св. Никола со преубавите мозаици. Така туристите кога ќе доаѓаат во Охрид ќе можат да го видат целото културно богатство на градот. Од една страна ранохристијанска базилика, од друга џамија, значи земја на толеранција. – истакна историчарот на уметност Гоце Жура.
На трибината се обрати и Есад Арслани од Охрид, кој себеси се претстави како амбасадор на мирот. Тој исткана дека минарето од Алипашината џамија било срушено од некогашната српска власт.
-Не е убаво да се прави омраза помеѓу народот. Никому не му смета верско обележје да има дали камбана или минаре и мислам дека е голема грешка да се создава омраза. Одобрение за реконструкција и градба на џамијата со минарето е дадено од претходната власт. Потпишан е и договор помеѓу владите на Македонија и Турција во 2015 година во Анкара да се донесе во првобитна состојба Алипашина џамија, зошто се крева толку прашина сега, праша Арслани.
Во име на здружението Совест, реплицираше Томе Џамтоски, кој истакна дека целта на здружението не е да шири омраза и никогаш не го правело тоа, туку да посочи на историските факти, посочувајќи дека враќањето во минатото нема да донесе ништо добро.
– Ние бараме да се заштити Алипашината џамија, но и целокупното културно богатство на тој простор кое несомнено постои. Зошто се враќате во минатото? Ако се повикувате на него и барате реконструкција на минаре, тогаш легитимно право имаме и ние да бараме реконструкција на црквата и базиликата кои се наоѓаат на тој простор. Ние ниту сме ширеле, ниту шириме омраза, туку сакаме само да предочиме на фактите и на последиците. – рече Џамтоски.
Александар Патчев пред присутните на трибината презентираше цртежи од прозорци и материјал кој е пронајден во ѕидовите од Алипашината џамија, а кои излегле на површина при преземените работи за реконструкција. -Тоа се типични прозорци и тули за средновековна црква. – рече тој.
Присутните на трибината, упатија апел до институциите да не го игнорираат случајот со Алипашината џамија и бројните направени законски пропусти, а беше предложено мислење за истиот да се побара и од УНЕСКО, затоа што евентуална изградба на 32 метри високо минаре трајно ќе ги наруши визурите на Охрид поради кои градот е прогласен за светско културно наследство и ќе предизвика етничка нетрпеливост со големи последици по соживотот во градот кој со векови е пример за толеранција.
Г.М.



















