Не само концептот, туку и местата на прославите неопходно е да се менуваат.

Денеска е Втори Август – Илинден, најсветлиот ден во македонската историја. Нека е честит Денот и вечен споменот кон Илинденците и креатори на првата, од Османлиите, ослободена република на Балканот – Крушевската.

Денеска е и верскиот празник Свети Илија. Честитки за сите што му го носат и му го слават името.

Денеска е ден за сплотување, опростување, побратимување, обновување на побратимствата.

Вчера, пак, вели полицискиот билтен, цитирам :”на 31.07.2021 година во 22.05 часот, во СВР Охрид пријавено e нарушување на јавниот ред и мир во охридското село Косел, со физички напад извршен од 43-годишен жител врз неговиот брат (53), двајцата од истото село. Против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава”.

Брат брата не рани, тешко кој го нема!

Вчерашното попладне го поминав во подпелистерското село Љубојно. Со мерак да бидам мегу овдешни браќа и сестри, како и печалбари дојдени од светот. И со задача да ја претставам, промовирам најновата книга на Славе Катин “Преспанска разгледница”.

На одење и на враќање, поминав низ Косел, каде ме заплисна мирисот, смрдеата (не од дувлото), туку од кренатата братска рака. Меракот во Љубојно ми го расипа една охриѓанка, велгоштанка по корен и ВМРО-ка по професија, исто толку, колку што беше комунистка – по коњуктура. Претходната вечер, пријателот Мето Стојков, угледен професор од Скопје, ми рече да и пренесам поздрави “од нејзиниот директор, кога се воспитувала во Марксистичкиот центар (Политичката школа) на ЦК КПМ/СКМ!”.Тогашната другарка, сега сестрава, ги потпали присутните – до степен министри и градоначалници (дојдени да оддадат слава на Илинден и Блаже Конески), да ги испратат со едно Уа!

Илинденските свечености, од утрово, продолжија во Крушево, а централната манифестација е од 18 часот, годинава, за прв пат, со променет концепт, каков што го најави шефот на државата Пендаровски.

“Шефот на државата ја менува традицијата по 30 години, со образложение дека треба да се избегнат поделби. На Мечкин Камен нема да се обрати никој од политичарите, а наместо говор, Пендаровски ќе има само кратко видео обраќање од две минути” – соопшти Кабинетот на Претседателот.

Вчера во Љубојно, видов невообичаено, нагласено присуство на полицијата. Со лесни возила на сообраќајната полиција, но и потешки џипови – за специјални намени и ситуации!!!

Како ли ќе биде денеска во Крушево и на Мечкин Камен?

Ситуацијата ја потпали опозицискиот лидер, со помалку неодмерена изјава за ваква прилика (а таму го праќа својот потпретседате што е секако за поздравување), но и одделни медиумски пера, на кои им посмета отсуството на говор на Мечкин Камен.

Се разбира дека, за се што ќе направите, ќе има и критичари и тоа не е лошо. На сите не можеш да им погодиш по меракот, најмалку на дежурните незадоволници: нит за радост пеат, нит за жалост жалат!

Од таму дилемата: шефот на државата Пендароски, преку него и сите, кои, годинава, се заложиле да се промени концептот за прослава на големиот, националаниот празник Илинден, заслужуваат поддршка, или осуда?

Си земам за слобода да дадам поддршка, истовремено, да ја апострофирам поддршката до пратениците, со честитки што, во очи на големиот Илинден, најдоа сили да ја донесат Резолуцијата за определување на државните позиции по блокадите на европската интеграција, попозната како црвени линии за преговарање со Бугарија.

Тоа што на официјална Соифија не и е по мерак, само е знак повеќе дека била потребна. Иако задоцнета, потребна беше веднаш после нивната, но, како што се гледа, никогаш не е доцна за да се остави првиот, односно добриот впечаток.

Никогаш не е доцна за да се остави првиот, односно добриот впечаток, дури и ако сакате да внесете нешто ново, да промените една вкоренета традиција.

Ние што подолго паметиме, паметиме што се се’ случувало последниве 3 децении на Мечкин Камен и во Крушево. Паметиме како одделни политички партии си го присвојуваа Илинден, како го ставаа во својата дневна агенда. Овој пат, не е така. Овој пат се поканети сите, а, за прв пат, на Мечкин камен, ќе се појави и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Затоа, не треба да се робува на вообичанеите агенди, треба да се оди во чекор со времето, со потребите, да се проценуваат ризиците и соодветно да им се излегува во пресрет.

Што ако и нема говор во Крушево? Зарем, само говорот е чин на одбележување, особено ако знаеме дека се говорело не во име на целата нација, туку за да чујат СВОИТЕ, читајте оние кои ве гласаат.

А, нели, Илинден е за сите, така пишува во Манифестот. Прославата на Мечкин Камен ќе започне со читање на илинденските пораки и Крушевскиот манифест, кои тоа само ќе го освежат и потврдат.

Во Крушево ќе биде традиционалната коњаница, знаеме кој партија ја организира – нејзино право. Затоа, таму ќе маршира и почесен баталјон на АРМ, со што ќе се симболизираат државноста и единството на народот.
Сега, за крај, да му се вртатам, на насловот: Поддршка, или осуда за Претседателот – нe само концептот, туку и местата на прославите да се менуваат.

Думата ми е за Вториот Илинден. Еве зошто.

На актуелните државни глави, нема да им паднат круните, ако ги разберат и се обидат да ги поправат грешките на оние направени од претходниците. И самиот бев во владините одаи, прв комшија со Кабинетот до тогашниот премиер од раните години после 2000-та, кога беше одлучено да се гради Пелинце. Задачата ја доби тогашниот министер за култура (покој му на душата).

Можев само да “прогунѓам”, но не и да спречам: непотребно, погрешно, на несоодветно место истурање на милиони евра. Единствениот “атрибут!” на Пелинце беше што голата ливада, беше ти била блиску до Св. Прохор Пчински. А тамошните српски попови не дозволувале прослава.

Само за “живописување!”, само за “иконисување!” на ѕидовите мажето на тогашната министерка за понадвор инкасирало 300.000 евра, или дојч – марки во тоа време. Налогот го потпиша тогашниот министер за финасии. Како ме дал господ го обнародив, а годинава – место мене го крка здружението “Мацково”, од Црвена Вода, организатор на Балканскиот поетски камп за млади “Ванчо Николески”.

Министерката, божем, не видела дека тогашната шефица на Кабинетот на “надворешната” и подметнала решение (одмаздничко!) дека Кампот треба да се симне од листата на финасираните, затоа што “НЕ БИЛ ТРАДИЦИОНАЛЕН”!!!???

Думата ми е – ако не можеме да славиме на местото на АСНОМ, на Вториот Илинден, каде се донеле одлуките, каде е конституирина новата македонска држава, тогаш зашто да не славиме на местото каде истите тие документи се напишани, каде се избрани делегатите и од каде тргнале за Прохор Пчински?

Да, во моето Црвена Вода. На извориштето на победата и слободата. Во Столицата на првата пост – илинденска слободна република (прва ослободена територија Дебрца).

Пред две години таму ја славевме годишнината од Манифестот (рамен на Крушевскиот) на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Дојде, говор одржа претседателот Пендаровски. Одржа и не издржа, а да не праша: зарем е можно јас да сум првиот претседател на слободна, независна и суверена Македонија кој воопшто дошол во Црвена Вода!?
Да, можно е Претседателе. Ако е можно, претседатели од Дебрца да не дошле, да не го знаеле сето тоа што требало да го знаат, тогаш е се можно.

Но белким не е невозможно, барем за почеток, една од крунисаните државни глави, покрај на Мечкин Камен и на ливадата во Пелинце, да дојде да се поклони и во Црвена Вода.

Убаво ќе ги пречекаме и нагостиме.

Имаме и каде и со што.

Имаме и љубов кон татковината, го чуваме и негуваме и заветот од татковците и дедовците.

Ако не дојдат, од година, со Господ напред, сами ќе почнеме да го славиме АСНОМ во Црвена Вода.

Честитки до сите Македонци, до сите кои живеат тука во Македонија, како и до сите расштркани по светските меридијани.

Нека е вечен Првиот а со него и Вториот Илинден, да живееме во сплотеност и надеж.

Секогаш, после дождот, маглите и темнините – доаѓа сонце.

Еден ден и нас ќе не огрее.

Веле Митаноски

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите