Верниците од исламска вероисповед после 30 дневниот пост денеска го слават Фитр (Рамазан) Бајрам. Слично како минатата година и овој месец Рамазан верниците муслимани го помина под рестриктивни мерки и полициски час. Од овие причини недостасуваа и познатите организирани јавни ифтари (вечери).

Рамазан – Бајрам се слави три дена. На првиот ден се одржува утринска молитва – Бајрам Намаз, а за време на празнувањето се разменуваат подароци и се посетуваат роднините и пријателите.

По повод празникот, честитка до верниците упати Реисот Шаќир Фетаи. Празникот Фитр Бајрам е триумф на верата над неверството, на доброто над злото, на великодушноста над скржавоста, на солидарноста над понижувањето, на приближувањето едни на други над изолација и одвојување од другите, на мирот над конфликтот, на духовноста до материјализам и помирување над одмаздата; накратко: овој голем празник е симбол на исполнување на аманетот доверен од страна на Возвишениот Бог, вели Реисул Улема, Шаќир Фетаи, во честитката упатена до верцните од исламска вероиспове по повод празникот Фитр Бајрам.

Овој ден претставува задоволство на Семоќниот Аллах за големата посветеност што ја покажавме во текот на месецот Рамазан, за време на кој со срце и душа, со висока свест и со целото битие, ги постевме деновите на Рамазан, покажувајќи ја во пракса непоколебливата врска со нашиот Створител. Ние ги реформиравме нашето размислување и личност, ги облагородувавме нашите души и срца, негувајќи ја високата свест за Господ, како и за човекот и светот околу нас, вели Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

Според обичаите, на Бајрам се облекуваат најубавите работи како за на слава, а се излегува со „тегбир“. После молитвата, верниците си го честитаат празникот и се смируваат скараните. Потоа се доручкува во домашен амбиент во потесен круг на семејството, по што се посетуваат гробиштата, каде верниците се молат за душите на починатите. Дома за најблиските се подготвуваат подароци, се посетуваат постарите, роднините, комшиите… Трпезите се различни, но богати, а покрај слаткото и баклавата, специјално за празникот се подготвуваат традиционални јадења.

Исламското учење вели дека во месецот на Рамазан е објавена светата книга Куран.

Честит Рамазан Бајрам!