Верниците од исламската вероисповед денеска го слават Бајрам, празник со кој завршува светиот месец Рамазан и се означува крајот на постот. Рамазан – Бајрам се слави три дена. На првиот ден се одржува утринска молитва – Бајрам Намаз, а за време на празнувањето се разменуваат подароци и се посетуваат роднините и пријателите.

 

Според обичаите, утрото на Бајрам масовно се посетуваат џамиите. Се облекуваат најубавите работи како за на слава, а се излегува со „тегбир“. После молитвата, верниците си го честитаат празникот и се смируваат скараните. Потоа се доручкува во домашен амбиент во потесен круг на семејството, по што се посетуваат гробиштата, каде верниците се молат за душите на починатите. Дома за најблиските се подготвуваат подароци, се посетуваат постарите, роднините, комшиите… Трпезите се различни, но богати, а покрај слаткото и баклавата, специјално за празникот се подготвуваат традиционални јадења.

Исламското учење вели дека во месецот на Рамазан е објавена светата книга Куран.

Честит Рамазан Бајрам!

OhridNews