– Водата од Билјанини извори која се влива во Студенчишкиот канал претставува аптекарска вода за обновување и прехранување на езерото со свежа изворска вода и тоа многу значи. Од друга страна во вакви сушни периоди нивото на Охридското Езеро се приближува кон критична точка, односно е на неколку сантиметри под природната кота од 673, 17 метри надморска висина, што на некој начин е поврзано и со искористување на езерото за производство на електрична енергија, објаснува проф. Д-р Здравко Крстаноски од Хидробиолошкиот завод – Охрид.
Според Дејан Пановски од Одделението за управување со басенот на реката Црн Дрим, осцилациите на Охридското Езеро се природни, но сепак, додава тој, тие стануваат се подраматични од година во година поради климатските промени, а никако не смее да се занемари и човечкиот фактор. Пановски смета дека нивото на Охридското Езеро е зависно од управувањето со реката Дрим и потребна е исклучителна внимателност затоа што се работи за воден басен со голем енергетски потенцијал.
-На 25 ноември во Тирана земјите кои ги опфаќа Дримскиот басен ќе потпишат меморандум кој произлегува од студијата за управување со реката Црн Дрим, што ќе овозможи одржливо искористување на водниот потенцијал, бидејќи денес на сила сеуште се договори за регулација на нивото на Охридското Езеро потпишани пред педесет години кои не соодветствуваат на реалната ситуација, вели Пановски.
Тој смета дека проблемот не е во користењето на водните ресурси на Охридското Езеро за производство на електрична енергија, туку во управувањето со водите и регулацијата на истекот на реката Црн Дрим.
-Една година се случува да имаме ниско ниво, а потоа да имаме високо ниво како минатата зима и затоа договорите со кои се регулира протокот на вода од Охридското Езеро во Дрим треба да претрпат ревизија, додава Пановски.
Научниците од Хидробиолошкиот завод укажуваат дека дека огранизмите во Охридското Езеро се прилагодливи на природни осцилации, но дополнителните осцилации предизвикани од искористувањето на езерската вода за производство на електрична енергија негативно се одразуваат на целокупниот еко систем, но и на градежните објекти во крајбрежјето и фрескоживописот во црквите на кои влијае влагата од езерото. Тие објаснуваат дека доколку нивото се спушти само за еден сантиметар, Охридското Езеро губи околу 3 милиони метри кубни вода, поради што неопходно е крајно внимателно да се користат ресурсите на најголемиот басен со питка вода во овој дел на Европа.