Стариот Чинар во Охрид од видот „Platanus orientalis“, еден милениум му пркоси на времето. Овој препознатлив симбол на градот во срцето на чаршијата, за кој легендата вели дека го засадил Св. Климент, заштитникот на Охрид, изминатите неколку децении ги живее најтешките години од својата навистина долга старост. Под атмосферски влијанија се кршеа гранки, а стеблото толку се оштети што едвај ја држи тешката крошна.

Се до минатата година грижата за Чинарот беше работа на државата, која мора да се признае многу малку направи за заштита на многулетното дрво. Со прогласувањето на природна реткост, грижата за Чинарот ја презеде Општина Охрид, за по низа спроведени процедури од Одделението за заштита и влијание врз животната средина, сега да започне и негова  санација и ревитализација.

Уште при првите истражувања имаше индиции дека чинарот е доста оштетен, уништен и дека ќе треба да се преземат поголеми и позначајни мерки. Почнавме со санацијата, но предвидувањата за жал се остварија. Тоа што се отвори внатре е труло со многу инсекти, габи и други штетници. Механички се’ уште добро стои, меѓутоа ќе треба да предвидиме одредени механички потпори да се прицврсти, за да опстане, односно да одолее на времето, да не биде скршен. Ќе преземеме и одредени хемиски третмани на дрвото, со што ќе го заштитиме, ќе го импрегнираме и ќе му овозможиме природно да почне сам да се обновува. – вели во разговор за OhridNews проф. Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје, под чиј стручен надзор се имплементира Проектот за санација на оштетувањата и ревитализација на Чинарот, што го изведува овластената компанија „Форест Фагус“ од Скопје.

Приоритет во моментов е да се спаси Чинарот, и да се спречат понатамошни оштетувања, поради што неговиот изглед ќе претрпи промени, затоа што трупот на дрвото е трул и мора да се отстрани.

Ќе се смени обликот, формата на Чинарот, меѓутоа нема да изгуби од автентичноста, уште повеќе ќе се гледа дека се работи за нешто многу старо и многу вредно. Целта не е нешто што е многу старо да го подмладиме, туку да го сочуваме и да му го продолжиме векот. Така и со овој Чинар, ќе се потрудиме да му го продолжиме животниот век, да остане за поколенијата и да се фалиме во светски рамки дека имаме стебла коишто се стари преку 1000 години. – истакнува дендрологот Ацевски.

Во светот постојат стари дрва коишто се заштитени, а од тие кај нас, од видот „Platanus orientalis“ охридскиот Чинар е најстар и најголем во обем. Но, заштитата на оваа природна реткост не соодветствувала со потребите, напротив, преземените мерки во минатото биле несоодветни и само ја влошиле неговата состојба.

Правена е одредена заштита прв пат пред 18 години, меѓутоа се гледа дека не била успешна. Тој што го реставрирал очигледно не ја познавал физиономијата и материјата на растенијата, дека тоа е живо нешто и дека не можеш да го третираш како нешто мртво и да го конзервираш. – дециден е професорот Ацевски.

Речиси две децении оштетеното стебло на охридскиот Чинар беше исполнето со пурпена, морска пена и завиткано со шиндра, што според Ацевски, екстремно многу придонело за влошување на состојбата.

Тоа ги забрзало процесите и како што може да се види внатре во дрвото, сите процеси на деструкција се до крај изразени. Материјалот што го ставале тогаш, шиндра, водоотпорна иверица, е отпорен материјал, но и тој има рок на траење и после 20 години тоа се покажа, тој се распаѓа внатре и доколку останеше ваква ситуацијата уште побрзо би се забрзал тој процес. Дека погрешно бил третиран Чинарот се гледа и од самиот факт што може да се забележи разликата со надворешниот дел од стеблата кои самите си калусираат и се затвараат. Само требало механички да се прицрвсти дрвото и да се скратат одредени гранки кои предизвикувале оштетување на стеблото, тогаш тоа би се зачувало по природен пат. – рече Ацевски.

Санацијата и ревитализацијата на стариот Чинар во Охрид предвидено е да трае 10 дена, но се ќе зависи од состојбата на дрвото кое штотуку се ослободи од обвивката која само ги затскривала проблемите кои можат да бидат кобни за него. Професорот Ацевски вели дека ќе биде потребен период од минимум две недели да се санира и соодветно да се третира Чинарот, кој е нападнат од паразити.

Предвидено е во иднина грижата за ова дрво да ја преземат стручните лица во ЈП „Охридски Комуналец“, со одредена обука која ќе ја извршам со нив, за да можат во понатаму самостојно да преземаат соодветни активности за заштита на Чинарот. – истакна професорот Ацевски.

Санацијата на охридскиот Чинар ги израдува охриѓани, кои ја поздравуваат иницијативата за заштита на старото дрво кое на многумина им буди убави спомени од минатото.

Многу ми е мило што градот презема мерки за заштита на Чинарот. Требаше тоа да се случи многу порано. Имам 70 години, а овде имам играно и го имам поминато детството тука. Гледам дека дрвото е многу оштетено и жалосно што до сега се чекало. Но, ме радува што општината презела мерки и се надевам дека нешто ќе се зачува од овој симбол на Охрид кој е тука уште од времето на Климента. – ни изјави Наум Чанов, жител на Охрид.

Ревитализацијата на чинарот го привлече вниманието и на ретките гости, кои љубопитно застануваа и се распрашуваа. Од кусиот разговор со нив, добивме впечаток дека се одушевени од приказната за илјадалетниот охридски Чинар, кој се надеваме дека од сега ќе има соодветна грижа за да може неговата приказна на светот да му ја раскажуваат и идните генерации.

Г. Момироски