Учениците да не се инволвираат во политички игри и да се принудуваат да протестираат за време на настава, бараат родители. Владо Чингосски, член на Советот на родители и училишниот одбор на гимназијата „Св. Климент Охридски“, смета дека вчерашните протестите на дел од средношколците во Охрид против платформата на партиите на Албанците и зачувување на унитарноста на државата, се политички мотивирани и организирани. Според него неважно е колкав бил одзивот на гимназијалците и дали го имало, туку дека е извршен упад од страна на учесниците на протестот од други училишта во гимназијата со цел да ги повикаат врсниците да им се придружат, со што е извршено попречување на образовниот процес.
-Воопшто не е важно дали и колку ученици влегле или излегле и дали и колку ученици им се приклучиле или не им се приклучиле на организаторите на протестот. Проблемот е што сее ова се прави организирано, се инволвираат малолетници, средношколци и се повикуваат на протести со политичка и партиска позадина. Во членот 7 од Законот за образование изричито е забрането партиско и верско делување, истакнување на политички и партиски симболи во училиштата, се што е забрането во законот вчера го имавме во охридските училишта. – вели Владо Чингоски.
Чингоски истакнува дека ракововодствата на училиштата треба соодветно да реагираат за да ги заштитат учениците и да спречат нивно инволвирање во протести за време на часови, посочувајќи дека таквата појава треба соодветно да се санкционира.
– Секој има право да протестира, но не за време на настава. Има полнолетни ученици кои можат после завршување на наставата да протестираат, за што одговорноста е на нив и на нивните родители. Малолетните ученици коишто следат настава не можат без дозвола од директорот и класниот раководител или управата на училиштето да ја напуштат наставата. Тие мора да бидат запишани. Најмалку, пак, тоа можат да го прават под притисок од друга страна. Училиштето и директорот се директно задолжени за безбедноста на учениците, а по завршување на часовите иако се малолетни дали ќе протестираат е одговорност на нивните родители. Се надевам дека повеќе ова нема да се случува и повикувам на организаторот, затоа што лесно може да се утврди кој е организатор. Доволно е да се погледаат снимките од камерите кои беа тие коишто повикуваа, да се види од кое училиште се, дали училиштето ги евидентирало дека отсуствуваат од настава и кој им дозволил да отстуствуваат. Тие може да протестираат но никако да влијаат на образовниот процес. – додава Чингоски.

Раководствата на средните училишта во Охрид каде денеска нема настава бидејќи се одбележува Денот на пролетта со воншколски активности, не ги коментираат протестите на средношколците. И покрај најавите, нема реакција ниту од Државниот просветен инспекторат во Охрид, каде денеска не стигнало барање за инспекциски надзор во училиштата чии ученици вчера протестираа за време на настава.
Учесниците на вчерашниот протест на средношколците во Охрид, во најголем дел ученици од техничкото училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, тврдеа дека се самоорганизирале и дека излегле на улица за заштита на државата и македонските интереси. Тие ги посетија средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и гимназијата „Св. Климент Охридски“, од каде на протстот се приклучиле неколкумина ученици. Средношколците најавија дека ќе продолжат со протестите во среда.
Г.М.












