Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, учествуваше на панел-дискусијата за културна дипломатија „Cultural Notes of a Shared Future“, што се одржа во Палата Србија во Белград, во присуство на српскиот премиер Ѓуро Мацут и претставници на дипломатскиот, културниот и академскиот сектор.
Во своето обраќање Цуцковски го претстави фестивалот „Охридско лето“ како една од најзначајните платформи за културна дипломатија на Македонија, истакнувајќи дека фестивалот повеќе од шест децении ги поврзува уметниците, институциите и публиката од различни земји преку музиката, театарот и сценските уметности.
„Охридско лето“ е моќен инструмент на културната дипломатија и мост меѓу народите. Преку културната размена и интеркултурниот дијалог, фестивалот придонесува за афирмација на македонската култура и за зајакнување на меѓународниот углед на државата, порача Цуцковски.
Тој нагласи дека фестивалот одамна ја надминал рамката на обичен културен настан и прераснал во значаен промотор на Македонија, со важна културна, туристичка и дипломатска улога.
На панелот учествуваа и претставници на културни институции и организации од Србија, Кина и Бугарија, а беше испратена порака дека културата останува еден од клучните двигатели на меѓународната соработка, довербата и разбирањето меѓу народите.
OhridNews













