Д-р Орхидеја Тасевска избрана за директор на ЈНУ Хидрoбиолошки завод Охрид. На Седница на Советот на Заводот која се одржа на 24.12.2021 година, во полн состав со надворешните членови на Совет делегирани од Влада на Р. С. Македонија и членовите од редот на вработените во Заводот, Д-р Тасевска ја доби довербата да раководи со институцијата во наредните четири години.

Ќе се стремиме заедно со колективот на ЈНУ Хидробиолошки завод за добивање и спроведување на научно-истражувачки проекти преку кои ќе ги продолжиме лимнолошките истражувања на акватичните екосистеми во нашата земја и ќе се залагаме за зачувување на биодиверзитетот и одржливо управување со истите. Дејноста која Заводот ја спроведува од самото основање во далечната 1935 година несомнено е важна алка во одредување на стратегии за заштита на животната средина и природата во целост, поради што оваа реномирана научна институција мора да го добие заслуженото место и улога, вели Д-р Тасевска за OhridNews.

Д-р Тасевска е научен советник, актуелен ВД директор, а е дел од колективот на Заводот од 1998 година, од кога преку Одделението за зоопланктон е активно вклучена во спроведување на активностите на оваа научна институција.

Својата титула доктор на биолошки науки ја стекнува во 2010 година, а од 2015 година учествува во управувањето со институтот како член на Советот на Заводот.

Н.С.Ј.