На 5 Декември се одбележува Светскиот ден на волонтерството. Да се биде волонтер значи да се биде нечија поддршка, мотивација и причина за насмевка, ние подаваме рака таму каде што е потребно, заедно сплотени пркосиме на невозможното, вложуваме моменти од нашето слободно време во гасење на гладта и болката на тажните лица – едноставно сакаме да ја направиме заедницата подобро место за живеење, порачуваат волонтерите Теа Петкоска и Анастасија Стојаноска од Клубот на млади при Црвен Крст Охрид. Волонтерите се хероите меѓу нас, велат, а со еден збор ги опишуваат како незапирливи.
Сите како индивидуи во општеството бираме која улога ќе ја завземеме, а самата улога да придонесе за развој на нашето секојдневие и живот. Ние, одбирајќи го волонтеризмот како начин на живот, не само што се надоградуваме себеси, градејќи се како совесни индивидуи, туку и бираме улога со која го разубавуваме животот на останатите. Сите посакуваме општество во коешто владее мир, каде љубовта и желбата за помош го надвладуваат злото, ние волонтерите се трудиме да го оствариме токму тоа, вели Стојаноска.
Волонтерите се неплатени не затоа што се бесплатни, туку затоа што се бесценети, порачуваат од Црвен Крст Охрид
Ви оддаваме признание и благодарност за вашите амбиции, напори, стекнати и вложени вештини, за тоа што сте секогаш подготвени без разлика дали треба да се подели храна, да се насмевне некое детенце или пак да се исчисти загадена околина. Вашата посветеност е непобедлива, а вашата емпатија нема граници. Секој ваш волонтерски час е важен и прави разлика. Продолжете да сте поттик и инспирација за сите околу вас, велат од Црвен Крст Охрид.
По повод 5 декември, младите волонтери на Црвен Крст Охрид изработија и видео во кое е прикажано секојдневието на еден волонтер, пред и откако почнал да волонтира. Младите при Црвен Крст Охрид повикуваат до сите кои сакаат да го променат нивното секојдневие да се приклучат кон нивниот тим.
К.А.












