Туристичките работници на министерот за економија Бектиши му доставија барања за подобрување на состојбите во туризмот. На состанокот што се одржа денеска во Струга тие побараа елиминирање на нелојалната конкуренција која ја создаваат човек агенциите кои се појавуваат на јавни места и, како што велат, им нудат сомнителни услуги на гостите. 

-Тие услуги и екскурзии се даваат на нападен начин. Веќе имаме реакции од туристите и бараме координирана акција од инспекциските служби, но и активна вклученост на МВР во спречување на овие девијантни појави. – истакна Асим Меѓедовиќ од ТА Фибула. 

Туристичките работници бараат и средување на хаосот со такси превозот, што според нив создава сериозни проблеми.

-Таксистите да бидат униформирани, такси кајчарите исто така, секој да има бројче, беџ со име и презиме и најважно,  да се знае цената на услугата. – вели Крсте Блажески од ХОТАМ.

Министерот Бектеши најави дека владата сериозно ќе ги разгледа барањата на туристичките работници.

-Ние како влада ќе ги разгледаме барањата, ќе разговараме интерминистерски, но и со локалните самоуправи за да направиме подобра клима за туризмот во земјата. – рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Дел од предложените мерки за подобрување на туризмот се долгорочни, како што се подобрување на инфраструктурата и развој на бродскиот сообраќај, а дел краткорочни, истакнаа учесниците на средбата, на која уште се разговарало и намалување на ДДВ-то за храната и пијалоците во угостителството од 18 на 5%, за проблемот со јавната чистота, но и за дивата депонија во Струга за која беше истакнато дека негативно влијае и на туризмот.

OhridNews