Пред охриѓани денес беше промовиран проектот „Промовирање на земјоделството со високи природни вредности и агро-еколошка наплата преку граѓанските организации во Македонија“, чија цел меѓудругото е поддршка на традиционалното земјоделство.

Проектот е насочен кон позитивните придобивки од одредени видови на земјоделство во Македонија, заради заштита на вредните живеалишта и важните видови од растителното и животинско богатство.


Во рамки на проектот се развиени мерки кои се однесуваат на: заштита на традиционалните пасишта со висок процент на полу-природна вегетација, одржување на природните карактеристики на пределот преку одржување на природните граници и меѓи на обработливите површини и практикување на одржливи земјоделски практики, што подразбира: намалено користење на пестициди и ѓубрива, намалено загадувањето на водата и почвата, зголемена  содржина на органска материја во почвата, подобрени хемиски својства, заштита на почвата и водите од загадување од земјоделски извори.

Извршени се анализи каде во Македонија постојат земјоделски системи и се произведува агро- еколошка храна, но се подготвени и мерки таквите производители да бидат поддржани со директни плаќања, односно овие земјоделци да  се субвенционираат.


Овој проект наменет за ситните производители има и социјален карактер со оглед на констатацијата дека во последните 20 години миграторните процеси беа интензивни и резултираа со осиромашување на селата, па наскоро може да се соочиме со недостаток на произведена храна во земјава. Затоа ваквите производители мора да се поддржат со доволно средства со кои ќе можат да се вратат во селата, каде обработувајќи земјоделски површини ќе ги заживеат повторно селата и конечно да бидеме она што сме-  земјоделска земја која има капацитет за производство за своето население, но и за извоз, вели проф. Д-р Сузана Кратовалиева од Земјоделскиот институт од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Како што е предвидено, предлог мерките кои се резултат на проектот ќе бидат доставени до Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство , лобирајќи истите да влезат во програмите за субвенционирање на ваквиот тип земјоделци.


Проектот се спроведува од страна на Движењето на екологистите на Македонија – ДЕМ чиј член е ‘Грашница” – Охрид и Центарот за граѓанска иницијатива (ЦГИ), во соработка и со поддршка на две меѓународни невладини организации – Авалон од Холандија и Институтот за европска политика за животната средина (ИЕЕП) од Велика Британија.

Т. К.