Да ги сочуваме шумските зелени површини за да има и поголем прилив на вода во Охридското Eзеро, а  особено е важно да се активираат подземните води. Со тоа ќе се придонесе кон поголемо мешање и промена на водата, која ќе биде  еколошки почиста вода која ќе има и подобри услови за развој на флората и фауната, изјави независниот екологист, дипломираниот агроном Лазо Наумоски, зборувајќи за значењето на водните површини по повод Денот на водите.


Наумоски нагласува дека природната и здрава шумска почва има значително повеќе воздушни пори кои се наоѓаат во поголеми длабочини во самата почва, каде се формираат долги канали во кои се собира вода која понатаму истекува во подземните патишта и се влева во Охридското Езеро. Колку почвата во својот шумски појас е поровкаста и растресита може да прими и акумулира поголема количина вода, а притоа нејзиното истекување е поспоро, односно трае подолг период од годината и истата еколошки е најчиста.

– Сите површински води и подземните извори се производ на дождовите кои паѓаат во текот на годината и топењето на снегот во самото сливно подрачје. Колку една река или извор ќе биде активен во текот на годината или некој подземен извор ќе поседува вода која подземно се влева во езерото зависи од капацитетот на шумските зелени појаси во самото сливно подрачје, додава Наумоски потенцирајќи дека мора под итно да се преземат мерки за заштита на водните површини на нашата планета, од чија вкупна површина две третини се под вода.

OhridNews