Градежните компании во ера на голема конкуренција и еколошки предизвици, се повеќе ги истакнуваат предностите на нивната градба, особено во доменот на енергетската ефикасност. Но, дали Сертификатот е гаранција во однос на енергетската ефикасност? Организацијата на потрошувачи – ОПМ, која неодамна започна широка медиумска кампања за подигнување на свеста на потрошувачите за своите права, укажува на внимателност при толкувањето на енергетската ефикасност.

Класата на објектот зборува за потенцијалот на објектот, во градежен смисол, за заштеда на енергија. Но, дали ќе се искористи тој потенцијал зависи од корисниците, посочува ОПМ.

-Секое енергетски неефикасно однесување, изразено преку одржување на соодветната температура во зима повисока од 20 степени, долго држење на прозорите на кип, греење подолго од 15 часови  и користење неефикасни системи за греење, ќе се одрази на сметките за греење. Но, со управување со енергијата, односно со водење сметка и за однесувањето при користење на осветлувањето, преку ладење на просторот, најмногу до 26 степени, и со користење на енергетски ефикасни апарати, заштедата на енергијата и финансиите, како и намалувањето на загадувањето на околината, е во ваши раце. – советува ОПМ.